ВМРО не го смени ставот и по средбата со Ескобар

news
Advertisement

Ништо ново не донесе средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со Габриел Ескобар. Двајцата се сретнаа во просториите на американската амбасада во Скопје, откако претходно Ескобар одржа прес-конференција со премиерот Ковачевски. За текот на едночасовната средба, Мицкоски реши да не ги информира новинарите кои чекаа пред амбасадата и ги избегна камерите.

Advertisement

Но, подоцна пристигна партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Во него се наведува дека Мицкоски ги повторил добро познатите ставови на партијата околу уставните измени. Воедно, според соопштението, Мицкоски во амбасадата го повторил ставот дека на партијата суштинска заложба и приоритет ѝ се евроатлантските вредности.

„На средбата беше потврден ставот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени. Исто така беше потенцирана од двете страни потребата за јакнење и продлабочување на стратешкото пријателство меѓу двете држави. Претседателот Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД“, стои во соопштението.

Од партијата нагласија дека единствено излезно решение за ситуацијата се предвремени парламентарни избори. Оттаму додадоа и дека актуелната Влада ја оддалечува земјата од Европската Унија, бидејќи додека зборува за интеграција, прави криминал и корупција.

„Шест години СДС ја злоупотребува ЕУ лажно декларирајќи вредности, кои не ги почитуваат, а за применување не станува ниту збор. Шест години Македонија е сè подалеку од ЕУ. Почитувани, со секој месец со СДС и ДУИ на власт уште повеќе Македонија се оддалечува од ЕУ. Затоа потребни се избори за промени“, рече Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера пак, Мицкоски повтори дека единствено би седнал на заедничка маса со премиерот Димитар Ковачевски за да зборуваат за датумот за предвремени парламентарни избори. Според Мицкоски, сите други теми за разговор се исцрпени и не преостанува ништо друго освен избори оваа есен, па дури и без техничката Пржинска влада.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.