Просечна инфлација во периодот јануари – јули годинава изнесува 10,9 насто, за што најголем удел од три четвртини, имаат зголемените цени на храната и енергијата. Од Народната банка објаснуваат дека динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Со оглед на долготрајноста на овие трендови неопходно е водење претпазливи домашни политики.
Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна. Исто така, најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на 2022 година, а потоа и нивно намалување.
Ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на живот во јули годинава во однос на јули лани се зголемени за 16 отсто, а цените на мало бележат раст од 14 проценти. Во однос на јуни годинава, пак, трошоците на живот пораснале за 1,9, а цените на мало за 2,5 отсто./slobodnaevropa.mk/