Маричиќ: Во следните четири години ќе се градат по 23 километри автопат годишно

news
Advertisement

Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Со изведбата на Коридорите 8 и 10-д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно, рече вицепремиерот Маричиќ на синоќешната отворена трибина во Штип, на тема: „Градиме македонски, градиме европски!“.

Advertisement

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека со реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега, изведбата на коридорите 8 и 10-д, кои се паневропски коридори, за прв пат, по 30 години, преку нова и модерна патна инфраструктура ќе се поврземе со исток и запад.

Тој додаде дека изградбата на Коридорите 8 и 10-д значи нови 8.000 работни места и нови инвестиции од 1,3 милијарди евра, но и отвора можности за нови бизниси.

„Со изградбата на нова модерна патна врска на исток и запад обезбедуваме и рамномерен регионален развој и конекции со пристаништа во Драч и во Бургас за брз и полесен извоз на македонски производи и за увози на стоки и опрема за македонските компании“, посочи Маричиќ.

Маричиќ се осврна и активните градежни активности на македонските патишта, но и на овогодишниот завршен проект за реализација на источниот дел на паневропски коридор, магистралниот пат Куманово – Страцин, инвестиција вредна 12 милиони евра, како дел Коридорот 8.

„На македонското градилиште пред десеттина дена го видовме пробивањето на вториот тунел на Фаришка клисура на делницата на патниот правци Градско – Прилеп. Во полн ек на работите со тоа започнаа завршните градежни активности на патниот правец Прилеп – Битола кој како современо автопатно решение од Коридорот 10Д ќе нè поврзе со Меџитлија кон грчката граница“, рече Маричиќ.

Тој пред присутните штипјани нагласи дека на овој начин се зајакнуваат и транспортните врски со регионот, со што се поврзува Западен Балкан соодветно на стандардите на Европската Унија.

„Кога ќе биде готов и Коридорот 10д со поврзувањето со автопатната мрежа Миладиновци-Штип, Штип-Радовиш, и Штип-Кочани добиваме современа, европска патна трансверзала и стратешки важен патен правец за дополнителен економски развој на регионите што ги поврзува“, порача Маричиќ.

На крајот на своето обраќање Маричиќ потенцираше дека нема да застанат со градежни зафати, бидејќи како што кажа тој создавањето на модерни патни делници го трасираат патот кон исполнување на нашите европерспективи.

„Знаеме дека и тоа е еден од неопходните чекори и за исполнување на целта – членство на Северна Македонија до 2030 година. За нас ветувањата одат секогаш со исполнување на ветеното. Како застапници на европските вредности, оваа Влада не гради проекти за политички поени како што тоа се правеше во едни други времиња. Градиме инфраструктурни проекти кои ќе значат подобар живот, подобар стандард и подобро утре за сите нас“, рече Маричиќ.

Извор: https://lokalno.mk/marichikj-vo-slednite-chetiri-godini-kje-se-gradat-po-23-kilometri-avtopat-godishno/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *