Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, денеска изјави дека уставните измени остануваат обврска што треба да се исполни и од тоа не може да се бега.
– Наша обврска останува донесувањето на уставните измени. Не можеме да избегаме од тоа, колку и да одлагаме и да ги поместуваме и по изборите и по не знам кои избори, таа обврска ќе остане. Сметаме дека треба да се заврши што поскоро. Ќе работиме до крај на овој собраниски состав за обезбедување на 80 пратеници. Мислам дека сите пратеници, пратеничките групи и политички партии треба да се свесни за сопствената одговорност, рече Маричиќ во гоствањето во есмисијата Студио 10 на ТВ24.
Во таа насока, Маричиќ ја спомна и изјавата на Фон дер Лајен, од минатонеделната посета, потенцирајќи ја јасната порака дека „имаме перспектива да одиме напред, имаме добра основа за развој, планот за раст е во таа насока, го завршуваме скрининг процесот и доколку сакаме да продолжиме натаму треба да ја завршиме обврската со уставните измени“.
– Наша задача како Влада е, која сме ја преземале со гласање во собранието на францускиот предлог и со заклучоците на ЕУ да ги спроведеме уставните амандмани, потенцира Маричиќ.
За тврдњата на опозицијата дека не прифаќа устави измени „под бугарски диктат“, тој потсетува на дека пред година и пол имало дискусии и дека идентитетот ќе ни исчезне, дека францускиот предлог ќе не стави во некоја страшно неповолна позиција.
– Единствено, нашето одлагање на уставните измени може да нѐ стави во понеповолна позиција. Ако одбиеме во скоро време, сите ќе отидат напред, ние ќе останеме во место, а тоа знаете дека е назадување. 2030 година кога јас сум убеден дека ќе има нови членки на ЕУ, меѓу нив ќе бидат сигурно Украина и Молдавија. Кои балкански држави ќе бидат во таа група зависи од нивниот перформанс, однесување и работа во меѓувреме. Немаме многу бенефит ако плачеме на нашата неправедна и тешка судбина. Треба да ги научиме лекциите. Ние навистина направивме се, во 2019 година во смисла на реформите имавме перфектно портфолио. Тоа беше годината кога консензуално се донесе законот за ОТА, се расформираше УБК, се донесе нов закон со гласаање на сите политички партии. Тоа беше годината кога се смени законот за судски совет и судови со 2/3 гласање итн. И имавме веќе имплементиран преспански договор. Идеална ситуација за почеток на преговорите. Францијата реши да се прави нова Методологија која се направи во рок од 2-3 месеци. Не треба да заглавиме во 2019, мора да одиме напред, вели Маричиќ.
Нашата цел, како што посочи, е да влеземе во категоријата на наредни членки при првото следно отворање на портата за нови членки.
– Безмилосно ќе тече текот на работите. Нема никој ниту да не моли, ниту да не притиска ниту да бара било што. Веќе се утврдени правилата. Преговарачката рамка е таа. Албанија нема да не чека и нема зошто да не чека. Ние исто така не сакавме да чекаме никого. Србија и Црна Гора ќе продолжат. Црна Гора има нова Влада на која еден од приоритетите им е забрзување на преговорите со ЕУ. Ги имаат отворено сите поглавја. Тие сакаат до 2026 да завршат со преговорите. Сите ќе трчаат напред за да стигнат до целта. Наш интерес, интерес на граѓаните е да не стоиме во место, туку и ние да трчаме кон целта, членство до 2030 година, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ