Насилникот од Неготино кој ја претепа вонбрачната жена, а која почина, ќе одговара за потешко кривично дело

news
Advertisement

Делото што го сторил неготинец кој деновиве ја претепал жената со којашто живеел во вонбрачна заедница, ќе се преквалификува во потешко кривично дело, согласно новите околности, бидејќи во меѓувреме жената починала. Ова попладнево го потврдија за МИА од Јавно обвинителство Кавадарци.

Advertisement

-Постапката против него е во тек. Тој останува во притвор. Отворена е истрага и таа е во тек. Кога ќе има обвинение, ќе ја информираме јавноста, рекоа од Обвинителството.
Претходно, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен жител на Неготино за кого постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.

-На 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата. Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, информираа тогаш од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оцени дека постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *