Изјавите на експонентите на ВМРО-ДПМНЕ дека не ја сакаат ДУИ во новата влада, не се убедливи за партијата на Али Ахмети. Ваква најава, според Бујар Османи, дал и Заев пред последните избори.
„Ова не се случува за прв пат. Се сеќавам на изјавите на Зоран Заев на митинзи кога велеше „зошто не ДУИ во опозиција“ и знаете каков беше резултатот потоа. Навистина, овој начин на поттикнување меѓуетничка омраза за потоа да се искористи за политички поени е многу опасен за мултиетничка демократија. Можам само да му кажам на ВМРО дека се додека ги има ДУИ и Али Ахмети, на Албанците нема да им фали ниту влакно“, рече Османи.
Коалицијата со ДУИ, според ВМРО-ДПМНЕ, била токму причината што го намалила рејтингот на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори сака да освои 61 пратеник во Собранието, и за партнер ја претпочита албанска опозиција.. Според нив, коалицијата со ДУИ не е опција. Овие изјави за Радио Слободна Европа ги даде потпретседателот на партијата Александар Николовски.
Од ВМРО ДПМНЕ ја исклучија можноста за предизборна коалиција со која било албанска партија, додека по изборите одлуката ќе зависи, како што велат, од политичките програми.