Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски „е затворен“ откако до него пристигнаа прашања за семејниот бизнис на тамошниот шеф, Миле Бошњаковски. Молкот дојде откако „Скопје1“ пред пет дена испрати четири прашања поврзани со бизнисот со алкохол и работата во претседателскиот Кабинет на Бошњаковски. Раководителката на службата за комуникации, Билјана Радева, исто така, не одговара на пораки – што не било пракса во минатото.
Игнорирањето на темата со производството на алкохол од страна на семејната фирма на Миле Бошњаковски дојде синхорнизирано. Првиот молк го имаше од самиот Бошњаковски пред тринаесет дена. Сега, молкот доаѓа од Кабинетот со кој раководи Бошњаковски. Сите прашања се од јавен интерес, а со оглед на дејноста на фирмата.
Со оглед дека Бошњаковски извршува јавна, но и хиерархиски висока функција, прашавме дали претседателот на државата, Пендаровски, бил известен, пред семејството на шефот на Кабинет да го отпочне бизнисот со алкохол. Оттаму нема одговор.
Молк и за тоа, каква порака се испраќа до јавноста со отворање на овој бизнис, на лице кое извршува кабинетска функција кај претседателот. Пендаровски, не се огради од семејниот бизнис на Бошњаковски, а премолче и дали на ваков начин се испраќа претседателска порака за консумирање на алкохол.
Претседателот Стево Пендаровски и неговиот Кабинет, во текот на мандатот, беа едни од најтрапснрентните и најотворените институции за јавноста. Медиумите, без исклучок, добивале одговори и на најсензитивните прашања. Доколку немало одделни одговори, секогаш имало соопштенија. За првпат, по нецели пет години, Кабинетот реши да молчи.
Инаку, семејството Бошњаковски отвори дестилерија на алкохолни пијалоци. Сувиот џин White Ridge е првиот производ на дестилеријата „Галичник Спирит Лаб“ и замислено е да се најде на европскиот пазар како пијалок со традиционални карактеристики. Неговото рекламирање веќе е започнато на големо на социјалните мрежи, каде се најавува почетокот на продажбата.