БИТИЌИ ПРЕДУПРЕДУВА: „ПЕНЗИСКИОТ ФОНД ЗА ТРИ ГОДИНИ ЌЕ СТАНЕ НЕОДРЖЛИВ – БУЏЕТОТ Е ОКТРОИРАН И БЕЗ ВИЗИЈА“
Пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, во гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма, остро предупреди дека линеарното зголемување на пензиите ќе го доведе Пензискиот фонд (ПИОМ) до финансиски колапс во рок од три години.
„Дефицитот од 31% ќе порасне на 48% – ова има цена“
Битиќи објасни дека при донесувањето на одлуката за линеарно покачување, укажал дека ваквиот пристап значително го зголемува буџетскиот дефицит во ПИОМ:
„Ако кажете дека од 31% дефицит одиме на 48%, а притоа тврдите дека ништо страшно не се случува, тоа не е точно. Мора искрено да им кажеме на пензионерите и на младите дека ваквото покачување носи последици.“
Според него, методолошкото усогласување на пензиите би донело повеќе пари кај пензионерите, без да создаде огромен фискален притисок.
Битиќи: Буџетот е октроиран и историски различен
Тој остро го критикуваше и новиот буџет на Владата:
„Ова е првиот буџет што се носи на октроиран – односно наметнат – начин. И второ, направен е опасен преседан со намалување на капиталните инвестиции за 15%.“
Според Битиќи, намалувањето на инвестициите буди сомнежи дали Владата има капацитет или волја за сериозни реформи:
„Оваа година имаме само 46% реализација на капитални инвестиции – тоа е максимумот кој институциите можат да го постигнат.“
„Каде се проектите од најавените милијарди?“
Битиќи потсети на најавениот Меморандум со Велика Британија, кој требаше да донесе проекти вредни 6 милијарди евра:
„Во буџетот стојат само 3,5 милиони денари за Клинички центар во Штип и Скопје. Со тие пари ни студентски дом не се гради, а не Клинички центар.“
Предупредување за иднината: „Каде ќе бидеме за пет години?“
Битиќи заклучи дека предложениот буџет за 2026 година воопшто нема развојна компонента:
„Ова е потрошувачки буџет – 90% се за тековни расходи, само 10% за капитални инвестиции. Со таков капацитет, на крај од годината ќе останат реализирани едвај 5%. Па прашувам: каде ќе биде државата за пет години?“
Неговиот став предизвика бурни реакции во јавноста, отворајќи нова дебата за стабилноста на пензискиот систем и економската стратегија на државата.