Руската новинарка Асламова е прогласена за „персона нон грата“ на Косово

news

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља денеска на Фејсбук објави дека руската новинарка Дарија Асламова е прогласена за „персона нон грата“ на Косово.

Advertisement

Во соопштението се наведува дека и е забранет влез во Косово во траење од пет години.

„Секој кој со одредени цели или директиви ќе ја прекрши или ќе се обиде да ја дестабилизира нашата земја, без сомнение ќе се соочи со силата на законите на Република Косово“, напиша Свечља.

Дарија Асламова беше уапсена на северот на Косово, потврди вчера Свечља за Радио Слободна Европа.

Тој вчера, исто така преку Фејсбук, истакна дека „многу земји докажаа дека се занимавала со шпионажа за руските воени разузнавачки служби и дека дејствувала под маската на новинарка“.

На дел од фотографиите кои ги сподели косовскиот министер Асламова е може да се види со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и сирискиот претседател Башар ал Асад.

„Нејзиниот обид да влезе во нашата земја, покрај тоа што се совпаѓа со настаните на северот на земјата, јасно ги докажува руските врски и пропаганда на која Србија веќе се приклучила и која има за цел да ја дестабилизира нашата земја“, нагласи Свечља.

Последните тензии во Косово се случија на 31 јули, пред почетокот на процесот на пререгистрација на српските автомобилски таблички со ознаки на градовите во Косово на таблички РКС (таблички на Република Косово) и воспоставување на реципрочни мерки од српските власти. Ова резултираше со блокади на границата, со што воведувањето на новите регистрации беше одложено за еден месец.

Косовската полиција јавува за пукање кон патролна единица близу српската граница
Вчера пак имаше и пукање во правец на чамецот на косовска патрола близу српската граница, за што Свечља обвини дека „илегалните српски групи прават напори да ја попречат работата на косовските власти“.

Инаку, на Асламова веќе и беше забранет влез во Молдавија во 2017 година. Во тоа време таа работеше за рускиот медиум Комсомолскаја Правда, кој е познат по своите проруски ставови.

Молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа објави дека безбедносните служби го одбиле нејзиниот влез „бидејќи не можела да ја оправда причината за посетата“./slobodnaevropa.mk/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.