Марија Панчева (18) се етаблира како манекена, а на пошироката јавност и е позната како помалата ќерка на Маја и Дарко Панчеви.
Не се одлучи ниту за музиката, ниту за спортот, едноставно одлучи да стане манекенка и гордо да позира пред фото-објектив и самоуверено да чекори на модна писта.
Ревиите на „Викторија сикрет“ и биле омилени, но и еден вид мотив за посериозно да се занимава со моделство. Како и секое мало девојче, почетоците ги имала во детска соба пред огледало со штиклите на мама.
– Желбата за манекенство ми се појави уште од кога бев многу малечка. Почнав да гледам различни ревии на Јутјуб што ги има во странство, омилени ми беа ревиите на „Викторија сикрет“, и секогаш ги гледав со надеж дека и јас ќе го правам истото дали тука или дали во странство. Тајно ги зедов на мајка ми штиклите, одев во соба, си пуштав музика и си замислував дека сум на писта или пак на некоја фотосесија. Сликањето, постирањето на слики, позирањето, сето тоа ме исполнуваше, едноставно уживав да бидам пред камера.
Марија почетоците ги направи во Моделс Ин, а денес е дел од модното студио „Црнокрак“.
-Одев на курсеви за манекенство во „Моделс Ин“. Кога завршија курсевите, моето прво сликање беше за „Портрет магазин“, како што памтам имав 13 години. Но после долг период немав никакви ангажмани, па пак почнав кога првпат стапнав на писта на Skopje Fashion Festival преку агенцијата Црнокрак, што се случи во септември 2023, и од тогаш до ден денес многу повеќе се занимавам и со ревии и фотосесии.
Најголемата поддршка секогаш доаѓа од најблиските, семејството, а потоа се поблискиот круг на пријатели.
– Се разбира прво да почнам од мојата фамилија, мојата желба за манекенство не очекуваа да е толку голема, па и не се сфаќаше толку сериозна. Но кога почнав интензивно да се занимавам, забележаа колку бев среќна, и можам да кажам дека на скоро секој ангажман биле присутни и ме поддржувале во секој чекор. Морам да ги спомнам и моите другари и другарки, и секако моето момче, секогаш ме бодреле и секогаш биле со мене на секоја ревија, нивното константно присуство ми е доволно да знам дека секогаш се тука за поддршка.
Маја и Дарко немале голема слика за тоа колку манекенството ја исполнува Марија, пред да почне посериозно да се занимава со тоа. Па сега кога веќе ја гледаат на модните писти, ја има целосната нивна поддршка.
– Мама и тато немаа голема претстава за тоа колку ме исполнува манекенството, пред да почнам почесто да се занимавам со тоа, како и секој родител, имаат грижа бидејќи знаат дека самата индустрија е малку комплицирана и напорна. Па и ме прашуваа дали сум сигурна во моите одлуки, но кога забележаа дека не ми е проблем по цели денови да бидам излезена, дали за некоја фотосесија или ревија, само позитивна енергија ми даваа и ме поддржуваа.
Минатиот месец Марија беше дел од големиот моден настан „Скопје Фешн викенд“, а од таму носи само убаво искуство.
– Можам да кажам дека секој бренд си има посебна убавина, дали на една ревија ќе носиме шарена шминка, на друга сме минимално нашминкани, или пак носиме поспецифични парчиња, поспортски, поелегантни. Но целата подготовка што трае од утро до вечер едноставно ме исполнува со адреналин и сите вечери ги памтам исполнети со убавина.
*Дефиниција за стил?
– Тешко е да се дефинира стилот, бидејќи секој човек си има свој вкус и различен стил на облекување.
*А, Вие стилски се дефинирате како …
-Мојот стил зависи од самата пригода каде би требало да бидам присутна, но најчесто сум casual.
*Што е пресудно за добар стил?
– Пресудно е како ќе се комбинираат парчињата облека.
*Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
-Многу ретко се случува да комбинирам различни бои, најчесто бирам елегантно и спортско.
*Минимализам, хедонизам, авангарда?
– Минимализам.
*Гламур или класика?
– Најчесто сакам да правам мешавина од овие две.
*Омилени нешта од вашата облека?
– Фустани.
*Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
-Доколку ми се допаѓа парчето и е убаво, нема потреба да е брендирано.
*Што сакате да постигнете со вашиот стил?
– Немам некоја конкретна цел, сакам да се чувствувам комфорно и да изгледам убаво.
*Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
– И јас веројатно како и другите би сакала да бидам автентична и своја, дали тоа ќе ја осудува средината каде што живееме, тоа е веќе дел од нашата култура.
*На кој дизајнер би му дозволиле да ти го преуреди гардероберот?
– Имам неколку омилени, па не би издвојувала никого посебно
*Што облекувате денски, а што навечер?
– Денски најчесто обична бела или црна маичка со фармерки и патики, навечер може некои панталони исто со обична блуза и патики или високи потпетици.
*Дали експериментирате со косата и шминката?
– Косата ја оставам права каква што ми е природна, може некогаш да ја соберам во опавче или пунџа, а шминката ми е цело време како no-makeup makeup look.
*Ваши трикови за брз, но ефектен изглед.
– Маскара, црвило и сјај за усни.
Габриела Додевска Глигоровска