Договорот на мегапопуларната американска пејачка Тејлор Свифт со организаторите на нејзините концерти во Сингапур, каде што ќе одржи дури шест концерти во рамките на нејзината светска турнеја, прерасна и во политичко прашање во Југоисточна Азија.
Имено, Сингапур е единствената станица во тој дел од светот каде што ќе настапува Свифт, а соседните земји тоа го прогласија за „непријателски чин“ на тој град-држава.
Владата на Сингапур претходно објави дека ѝ дала дозвола за настап на Свифт, но не ги објавила условите. Кога станало јасно дека условот е Сингапур да биде единственото место во регионот каде ќе настапува Свифт, реагирале челниците на соседните земји, а особено незадоволни биле во Тајланд и Филипините, кои изјавија дека „ова не е добрососедско однесување“.
Од напади поради договорот со Свифт морал да се брани и сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лунг во текот на прес-конференцијата на регионалниот самит во Мелбурн, Австралија.
– Нашите агенции преговараа за аранжман со кој на Тејлор Свифт ѝ е овозможено доагањето во Сингапур и според кој Сингапур е нејзината единствена станица во Југоисточна Азија. Испадна дека станува збор за многу профитабилен аранжман во кој не гледам ништо непријателско – рекол Ли.
Свифт ги изведе првите три од нејзините шест распродадени концерти во Сингапур од 2 до 4 март, а ќе одржи уште три настапи од 7 до 9 март. Нејзината следна станица на турнејата ќе биде Лисабон, Португалија, каде што ќе настапи на 24 и 25 мај.