Шеиката Моза бинт Насер е една од најелегантните жени на сите времиња и најголемиот колекционер на висока мода, а многу е можно никогаш да не сте слушнале за неа. Таа има 65 години, седум деца, исто толку докторати, многу е убава и исклучително богата. Таа е една од трите законски сопруги на поранешниот емир на Катар, шеикот Хамад бин Калифа Ал Тани и мајка на сегашниот, шеикот Тамим. Велат дека таа е најмоќната жена на Блискиот Исток, во општество каде што правата на жените се најмногу под знак прашалник.
Нејзиното височество Шеика Моза бинт Насер важи за стилска икона на арапскиот свет и е вистинска убавица. Нема да здивнете многу лесно ако се најдете пред неа… Тоа лице изгледа како да го издлабил некој скулптор од бајка од „Илјада и една ноќ“.
Tука е и турбанот, заштитен знак без кој не се појавува во јавноста. Всушност, таа го издигна овој аутфит на модните рајови, толку високо што реномирани дизајнери го прават специјално за неа.
Елегантна, висока, достоинствена, со армија обожаватели која расте секој ден, шеиката изгледа како пустинска принцеза која го открила еликсирот на вечната младост. Не се истакнува премногу, а – рака на срце – не мора, бидејќи има магнетна привлечност и на секој настан влегува во центарот на вниманието без да мора да крева прст.
Бидејќи малиот емират на Арапскиот полуостров е најбогатата земја на планетата, можете само да замислите што поседува нејзиното семејство. Да ги споменеме само познатата стоковна куќа „Хародс“, лондонскиот хотел „Клариџ“ и модната империја „Валентино“. Околу 15 милијарди долари, пишува Форбс. Во споредба со богатството на катарскиот шеик, имотот на британското кралско семејство е – вистинска ситница.
Многумина велат дека гламурозната шеика е Бејб Пејли на 21 век. Барбара Пејли, поранешната уредничка на американскиот Вог, беше најдобрата пријателка на Труман Капоти, дама од високото општество, моќ на која и се поклонуваше целиот моден свет, па сами одлучете колку е тоа комплимент.
Поранешната прва дама на Катар постојано е прогласувана за најдобро стилизирана жена на денешницата, иако нема стилист.
– Мојот стил ја почитува традицијата, но е модерен и практичен. Ниту еден стилист не би сфатил што точно сакам – објаснила таа.
– Кога сум исцрпена, одам во мојата гардероба и гледам низ плакарите, се трудам да ги комбинирам работите и да направам нешто ново.
Сè што ќе облече вреди цело богатство. Тие комбинации често достигнуваат и до 20.000 долари, а на етикетите најчесто ќе ги прочитате најпознатите модни имиња: Шанел, Диор, Живанши, секако Валентино, кој Катар го купи во 2012 година за 700 милиони евра итн.
Таа го носи турбанот како алтернатива на хиџабот, а нејзиниот пример го следат многу жени во арапскиот свет, полека ослободувајќи се од ригидните правила. Таа, исто така, се случува да рециклира нешто од минатото. На пример, таа повтори фустан што го поседува 35 години и изгледаше како научна фантастика како кога првпат го носеше.
Секој кој е во чекор со нејзиниот стил без второ размислување ќе каже дека таа никогаш не греши. Облеките често се комбинираат со фантастичен, внимателно одбран накит. Во ризницата, чија вредност не се осмелуваме да ја процениме, чува колекција на спектакуларен накит, а се верува дека специјално за неа е изработен дијамантскиот ѓердан „Cartier Eternity“.
Моза е многу активна во политичкиот живот на својата земја. Харизматична дама, совршена комбинација на грациозност и елеганција, таа е на чело на повеќе хуманитарни и деловни организации, има покренато многу иницијативи, ја води Катарската фондација за образование, наука и развој, претседател е на Одборот на Директорите на Фондацијата за арапска демократија, таа ја основаше Катарската луксузна група…
Таа е вистински лидер, градител, реформатор, успешна деловна жена, а титулата модна икона беше совршен додаток на таков лик и дело. Ако „стилската икона“ во нејзиниот случај ви звучи „претерано искористено“, тогаш нека биде – стилска божица. Тоа секако е посоодветно за Шеик Моза.