Градоначалникот на скопската општина Карпош, лидерот на партијата ГРОМ – Стевчо Јакимовски вели дека размислува да се кандидира за претседател на Македонија.
„Да се биде на одредена функција треба да се има многу искуство. Политичкото искуство е многу битно, а ние немаме политичар кој има доволно долго политичко искуство за една таква позиција. Во Хрватска сите претседатели биле избирани според големото политичко искуство“, рече Јакимовски на тв24.
Засега единствен кој ја најави својата кандидатура е професорот Вело Марковски кој истовремено е и на обвинителна клупа.
„Независен кандидат за претседател поддржан од народот е добра можност за обединување и функционирање на државата“, рече Марковски.
Актуелниот претседател, Пендаровски, исто така не исклучува можност за кандидирање.
„Дали ќе се решам да одам на втор мандат ќе зависи од анкетите кои ќе треба да се прават, да го погледнеме расположението на граѓаните некаде во декември годинава или јануари догодина, бидејќи изборите се во април 2024 година и само од тоа ќе зависи. Ако имам доволна поддршка од граѓаните, можам да размислувам за втор мандат. Ако не, се разбира дека ќе се повлечам“, вели Пендаровски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.
Спикерот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинарите зборуваше за можните датуми за распишување на претседателски избори, како и за роковите. Тој сподели три можни датуми за прв и втор круг.
• Инаугурацијата на Претседателот на државата треба да биде на 12 мај 2024 година
• Изборите се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат
• 60-те последни дена се во рамки на датумите 14 март и 12 мај 2024 година
Изборите се одржуваат во два изборни круга:
– Прв круг: најрано 14 март 2024 година
– Втор круг: најдоцна 8 мај 2024 година