Алијанса за Албанците има црвени линии, не е разговарано за влез во Владата, вели Таравари

news
Advertisement

Засега не е разговарано за влез во Влада. По изборот на претседател на партијата ќе го разгледаме тоа, изјави претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по завршувањето на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

Advertisement

– Разговаравме за европскиот пат, борба против корупцијата, функционирањето на правната држава, европските закони што се блокирани во Собранието, за кои Алијансата цело време дава поддршка. Немаме официјални разговори за влез во Владата. Кога ќе има, ќе бидеме транспарентни и ќе го кажеме тоа – изјави Таравари и додаде дека во моментот нема ниту официјална, ниту неофицијална понуда.

Ги негираше информациите дека на маса се ставени бројни ресори што треба да бидат доделени на Алијанса за Албанците кога ќе влезе во Владата, но сепак, како што посочи, имаат нивни услови, ако евентуално започнат со преговори.

– Имаме црвени линии што би биле неопходни. Кажавме дека и како опозиција ќе ги презентираме пред цела јавност, а тие мерки ќе бидат наш услов за влез во Владата – додаде претседателот на Алијанса.

Вели дека немаат намера да се извинат на политичките партии кои побарале извинување, таа одлука останува на членството и партиските тела. Рече дека со политичката партија на ВМРО-ДПМНЕ се во комуникација, како и со сите други партии, но не им се допаѓа вокабуларот што го користи партијата.

– Во одредени општини имаме и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа од пред 4-5 месеци кога знаете дека се дистанциравме од Данела Арсовска, после неколку месеци, ако не грешам месец-два и ВМРО-ДПМНЕ се дистанцира од неа, меѓутоа вордингот што го користи ВМРО-ДПМНЕ во последно време воопшто не ни се допаѓа. Мислам дека ги намалуваат капацитетите за соработка со албански партии, не само со Алијанса за Албанците. Имам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ веќе се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија што искрено на нас ни штети – вели Таравари.

Порача дека ќе продолжи да ја критикува власта и вели дека и во овој момент ако биде прашан дали има корупција и криминал, неговиот одговор ќе биде дека има.

– И секојдневните скандали што ги слушате, неколку од нив, на пример, скандалот со Орошенко тоа беше иницирано од АА, за Тетовскиот универзитет вчера имавме за корупција и за непотизам, повторно е од Алијанса за Албанците. Така што, ние ќе продолжиме со истите критики без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или надвор од Владата – заклучи Таравари.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.