ВИДЕО: Како “Модерно Скопје” станува “Депонија Скопје”

news
Advertisement

На територија на општина Ѓорче Петров во Орман, во околината на реката Лепенец се создава нова депонија со секаков вид на отпад.

Advertisement

Според видеото на Градска.мк, општинскиот камион со ангажирани општински работници секој ден собира градежен шут, но и друг отпад и го пренесува токму на оваа нова депонија во Орман.

Градоначалникот Александар Стојковски неодамна ја укина телефонската линија преку која граѓаните можеа да пријават дека имаат градежен шут за подигање, па така сега уште поголем неред се прави бидејќи сите го оставаат шутот до контејнерите, а општината го собира, но очигледно го носи токму на новата депонија.

Стојковски во предизборната кампања на локалните избори ветуваше чиста животна средина и отстранување на депониите, заедно со кандидатката на ВМРО- ДПМНЕ, скопската градоначалничка Данела Арсовска во својата предизборна “Програма за модерно Скопје” во 2021 година која пред граѓаните се обврза дека ќе ги исчисти сите диви депонии во првите 82 дена од нејзиниот мандат.
“Дивите депонии се сериозна закана за животот на скопјани и голем проблем со кој се соочуваме со години. Затоа, за чист воздух над Скопје, за обезбедување чист воздух за сите нас, поставивме приоритет – чистење на сите депонии во градот и во околината на Скопје во првите 82 дена од мандатот. Со решителност, со работа и непоколебливост ќе се избориме за тоа што ни е неопходно, чист воздух и животна средина“, стои на страница 15 од „Програмата за модерно Скопје“ на Арсовска.
Ѓубрето во кое се дави Градот покажува дека не само што не се најде решение за старите депонии, туку и не се прави ништо да се спречи создавањето на нови кои секојдневно никнуваат.
“ Јас, за два месеци колку што сум надвор во секое населено место успеав да видам над стотина диви депонии, големи диви депонии коишто не само што согоруваат отпад туку согоруваат и опасен отпад, да ги детектирам, да ги фотографирам, да ги мапирам не само како индивидуа туку и со граѓаните на сите овие населени места. И верувајте ми не случајно ставив дека во првите 82 дена од својот мандат ќе бидат овие диви депонии расчистени“ изјави Арсовска во 2021 додека зад неа на предизборните митинзи стоеја најголем дел од денешните скопски градоначалници меѓу кои и градоначалникот на Ѓорче Петров, Стојковски.
Покрај ветувањето за чисти и модерни општини се најавуваа и сериони казни за лицата кои што ја загрозуваат животната средина.
Одговорност засега нема.
А што велат Законите, какви се казните?
Законот за заштита на животната средина, Законот за управување со отпад и Правилникот за условите кои треба да ги исполнуваат депониите, ги определуваат основните стандарди што треба да ги исполнува една депонија, во кои влегуваат местоположбата, заштита на почвата и на водата од загадување, контрола на депонискиот гас и намалување на опасностите кои произлегуваат од самата депонија.
За отстранување на депониите е надлежна локалната самоуправа, со тоа што Министерството за животна средина и просторно планирање на барање на општините секоја година издвојува одредена сума за чистење на овие депонии.
Членот 144 од Законот за управување со отпад ги обврува градоначалниците на општините и градоначалникот на Град Скопје во рок од една година по усвојување на законот да ги затворат и рекултивираат сите диви депонии, а општинските инспектори за животна средина според членот 129 треба да вршат увид и контрола дали отпадот е исфрлен, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на законот. Доколку се утврди непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, овластените инспректори треба да издадат усна наредба за итно отстранување на утврдените недостатоци кои записнички ги констатираат во соработка со Државниот-санитарно здравствен инспекторат.
Исто така тие треба да го известат Државниот инспекторат за животна средина и другите надлежни инспектори или државни органи за утврдените неправилности и да побараат нивна интервенција.
Обврската за увид и контрола дали отпадот е исфрлен, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на овој закон, генерално е под надлежност на градоначалникот на општините и градоначалникот на Град Скопје.
Идејата за модерно Скопје со модерни општини, денес е нешто што е далеку од сите нас.
Екологијата е ставена на некоја споредна страна зад патиските препукувања и интереси, зад градежната офанзива и урбаната мафија, зад секојдневото разрешување и именување на директори. Таа не во интерес на никој и веројатно нема да биде до некои следни предизборни ветувања.
Останува на граѓаните веројатно сами да се изборат за правото на чиста животна средина.
Дивите депонии не се само кршење на законите туку и кршење на основните права на човекот за чиста животна средина. Ова приказна е само една од многуте приказни како овие права се кршат. Останува да се види дали сторитлите ќе бидат санкционирани.
Г.Р. / Градска

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.