Ескобар и Лајчак разговараа со Вучиќ: „Тежок и долг состанок“

news
Advertisement

Специјалниот претставник на САД за Балканот Габриел Ескобар изјави дека состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ бил тежок и долг, по разговорот со него и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак.
Амбасадата на САД во Србија на Твитер објави дека Ескобар „ја цени посветеноста на српскиот претседател на мирот и стабилноста“ и дека разговорите ќе продолжат.

Заменик помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ескобар се придружи на состанокот на Вучиќ и Лајчак на кој разговараа за ситуацијата на северот на Косово.
Лајчак на Твитер напиша дека имал „тешка, но одговорна дискусија“ со Вучиќ во обид да се спречи ескалација на тензиите на северот на Косово.
„Ги пренесов пораките и истакнав дека сите договори од дијалогот мора да се применат, вклучувајќи го и Договорот за слобода на движењето од 2011 година. Ќе ги продолжиме нашите разговори подоцна ноќеска“, напиша Лајчак.

Вучиќ изјави дека имал „тешки разговори“ со Лајчак и Ескобар и дека на состанокот присуствувале и амбасадорите на САД и ЕУ Кристофер Хил и Емануел Жиофре, како и дека разговорите ќе продолжат по 22 часот.
Тој истакна дека се надева на компромис, а на Србите на северот на Косово им порача дека Србија „секогаш ќе гледа да ги зачува мирот и стабилноста и дека ќе се бори за нив“.
„Но ниту една секунда, бидете уверени, токму како што ти ветив, токму како што ви кажав, нема да отстапиме ни од нашите витални државни и национални интереси, но пред сè од интересите на нашиот народ, вашата безбедност, вашата сигурност“, кажа Вучиќ.

Advertisement

Ескобар и Лајчак во вторникот се сретнаа во Приштина со косовските функционери, а потоа имаа средба и со претставниците на Српска листа во Северна Митровица. Повод за посетите се односите на Косово по најавата на Приштина дека од 1 септември ќе почне да ја применува одлуката за личните документи и регистарските таблички.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.