За посиромашните дефинитивно нови даноци, за богатите ќе се дебатира!

news
Advertisement

Што точно ќе донесе новата даночна реформа се уште не се знае. Дебатата трае и треба да покаже дали и Бесими ќе ретерира од воведувањето придонеси за хонорарците, како што ретерираше Груевски. За прогресивниот данок, изгледа се уште нема јунак да го воведе.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими најави даночна реформа со која треба да се зголемат приходите од даноци во Буџетот.
Нема да се зголемува даночната стапка, туку ќе се прошири основата за оданочување. Односно, ќе се воведуваат нови даноци.

Advertisement

МЕРКАТА НА ГРУЕВСКИ ВО ИГРА

Ќе се воведе данок на каматите на штедните влогови, ќе се плаќа данок на реинвестираната добивка за фирмите, а дел од дебатата е и воведувањето на плаќање придонеси за здравствено и социјално осигурување за хонорарците.

Што се однесува до тоа дали ќе се воведува прогресивно оданочување или не, тоа ќе биде дел од јавната дебата.

Токму мерката за хонорарците беше почетокот на крајот на поранешниот премиер, а сегашен азилант во Будимпешта, Никола Груевски.

Дебата се одржа минатата недела, на која беа присутни претставници од повеќе сектори на фелата: поранешни министри за финансии, академски професори, но и практичари кои го работат даночното право.

ДЕБАТА БЕЗ ПОЛИТИКАНСТВО

Еден од нив беше и адвокатот, Душко Гошевски, кој вели дека дебатата таму е малку поразлична од дебатата која се одвива во медиумите, трибините или другите општествени организации, бидејќи го нема притисокот на општото јавно мнение, а со тоа и политизираноста или политиканството кое честопати навлегува и во економските теми.

Фокус на дебатата е ставен и на прогресивното оданочување, како и на придонесите за договорите на дело.

„Прогресивниот данок е законско решение кое во моментот е суспендирано, но исто така во дебатата е вклучен и нов концепт- оној за оптимизиран данок, за кој јас лично сметам дека е подобар од прогресивниот концепт“, вели Гошевски.

Во однос на договорите на дело, Гошевски открива дека во дебатата има различни мислења и отворени дилеми.

Од една страна, реалност е дека има поединци кои го злоупотребуваат системот на договорни облигации со цел да имаат континуирани месечни примања од работен однос без обврска за пресметување на социјални придонеси.

Од друга страна, може да се дојде до легислативна колизија, бидејќи се работи за два различни правни институти: договорен и работен однос.

Треба особена внимателност и при даночните решенија, но и при спроведувањето на истите, потенцира Гошевски.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.