Истражување: Вегетаријанките имаат поголеми шанси да скршат колк

news
Advertisement

Жените на вегетаријанска исхрана имаат поголем ризик да скршат колк во подоцнежната возраст, покажува новото истражување. Научниците објавија дека вегетаријанската исхрана „често е поврзана со помал внес на хранливи материи поврзани со здравјето на коските и мускулите“, откако нивната студија покажа дека вегетаријанките имаат 33 отсто поголем ризик од фрактура на колкот во споредба со жените кои редовно јадат месо.

Студијата, во која учествувале повеќе од 26.000 жени на возраст од 35 до 69 години од Велика Британија, го проценила ризикот од фрактура на колкот кај вегетаријанките, оние кои јадат риба, но не и месо и оние кои повремено јадат месо во споредба со редовните потрошувачи. По околу 20 години, научниците забележале 822 фрактури на колкот кај жените, околу три отсто од оние вклучени во студијата, објавена во списанието „БМЦ медисин“. Експертите од Универзитетот во Лидс откриле дека зголемен ризик од фрактура на колкот е откриен само кај вегетаријанките во споредба со жените кои редовно консумираат месо. Податоците се земени од „Женската група студија во Велика Британија“, која ги следи жените во долг временски период за да ги процени ризиците и врските помеѓу исхраната и здравјето. Во групата жени 28 отсто се вегетаријанци, а еден отсто веганки.
„Нашата студија ја нагласува потенцијалната загриженост во врска со ризикот од кршеница на колкот кај вегетаријанките. Меѓутоа, ова не е предупредување за луѓето да ја напуштат вегетаријанската исхрана, како и кај секоја исхрана, важно е да се разберат кои хранливи материи се потребни за балансиран и здрав начин на живот“, вели водечкиот автор на студијата Џејмс Вебстер, научник од Училиштето за наука за храна и исхрана во Лидс.

Тој додал дека вегетаријанската исхрана често има помал внес на хранливи материи кои се поврзани со здравјето на коските и мускулите. „Овие видови хранливи материи генерално се позастапени во месото и другите животински производи отколку во билките, како што се протеините, калциумот и другите микронутриенти“, рекол тој, додавајќи дека „малиот внес на овие хранливи материи може да доведе до помала минерална густина на коските и мускулната маса, што може да ве подложи на ризик од кршење на колкот“. Коавторката на студијата, професорката Џенет Кејд, додала дека фрактурата на колкот е глобален здравствен проблем со високи економски трошоци што предизвикува губење на независноста, намалување на квалитетот на животот и зголемување на ризикот од други здравствени проблеми. Таа, исто така, истакна дека оваа студија е важен чекор во разбирањето на потенцијалните долгорочни ризици од исхраната базирана на растенија и што може да се направи за да се ублажат тие ризици. Научниците рекоа дека се потребни дополнителни истражувања за да се процени дали слични резултати може да се потврдат кај мажите.

Advertisement
Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.