ПОЛИЦАЈЦИ „ПЕРИ-НОСИ“ Имаат само една службена маица, а некои веќе почнале да одат на работа во цивилка

news
Advertisement

Проблемот е во тоа што МВР парцијално набавува делови од опрема за полицајците. На пример, набавени се службени кошули, меѓутоа маици на кратки ракави не се набавени веќе три години. Е сега, замислете дека секој полицаец има само една маица и дека таа маица мора да се пере неколку пати во неделата, вели за Плусинфо претседателот на Независниот синдикат на полицијата (НСП), Гоце Делчев Тодев.

Advertisement

Не е воопшто лесно да се биде полицаец во Македонија, особено ако на располагање имате само една единствена службена маица по кратки ракави, а надвор е изгор жешко лето со температури до 40 степени.

Ваков заеднички заклучок донесовме по краткиот неформален разговор со неколкумина полициски службеници кои во тој момент беа на должност во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи (МВР), а кои со кисела насмевка на лицата и со само две зборчиња го искажаа незадоволството од условите што им ги нуди нивниот работодавач: „пери-носи!“.

За неколку часа, кога ќе им заврши смената и кога ќе си заминат дома, појаснуваат тие, прво што треба да направат е да ја соблечат службената маица и веднаш да ја исперат за да биде спремна за утрешниот работен ден.

– Замислете, имаме само една единствена службена маица по кратки ракави, на чиј грб пишува „полиција“ со големи букви. И секој ден ја носиме, и секој ден ја переме, ја сушиме и ја пегламе. Ја чуваме подобро од очите, оти таа е една, а очите се две – низ смеа ни раскажува полицаецот.

Тој вели дека на некои колеги-полицајци веќе им се скинала маицата, па сега се принудени на работа да доаѓаат во цивилна облека, односно во црна маица купена од најобичен бутик.

– Нормално е дека ќе се скине еден ден. На толку носење, перење, пеглање, па и од железо да беше ќе се скинеше. Дел од колегите веќе почнаа да доаѓаат во цивилна облека на работа. Си купуваат неколку црни маици од бутик и немаат гајле. Некои дури сами си принтаат „полиција“ на грбот. И никој не им забележува, ниту ги прекорува поради тоа што, на некој начин, носат лажна униформа. А зарем имаат образ да ги прекорат? – објаснува нашиот соговорник.

Став побаравме и од Независниот синдикат на полицијата (НСП) од каде што потврдуваат дека полицајците ја користат истата и единствена службена маица веќе две до три години, а како што додаваат, за да биде трагедијата поголема, некои од новите полицајци дури и добиваат користени маици од колегите кои се пензионирале.

– Парцијално набавуваат делови од опрема, тоа е проблемот. На пример, набавени се службени кошули, меѓутоа маици на кратки ракави не се набавени веќе три години. Е сега, замислете дека секој полицаец има само една маица и дека таа маица мора да се пере неколку пати во неделата. Не сите полицајци седат во климатизирани простории во текот на летото. Најголемиот дел се теренци, кои се изложени на жештина и кои се потат. А на работно место, освен службената маица, полицаецот не смее да носи ништо друго. Сепак, и ние разбравме дека дел од полицајците веќе почнале да одат во цивилна облека на работа затоа што службената маица им се уништила. И никој не им вели ништо затоа што нема образ да им рече. Па каква е оваа држава во којашто полициските службеници носат облека купена во бутик? – објаснува претседателот на НСП, Гоце Делчев Тодев.

Не може буџетот и парите во МВР да се креираат, додава тој, без да се обезбеди основната алатка и основните средства кои се неминовно потребни за вработените во полицијата.

– Не можам јас да набавувам нешто што е сосема неважно, а полицајците да немаат маица, кондури или кошула. МВР го креира буџетот и креира план за тоа што да се набави во текот на годината. Верувајте, цела Европа и цел свет ни се смее. Мене не ме интересира дали е одговорен министерот за внатрешни работи, дали е одговорен самиот систем или е одговорен премиерот на државата. Мене ми е грижа тоа што полицаецот нема основни услови за работа, и точка. Ако на министерот не му е срам полицајците да одат во цивилна облека на работа, тогаш што повеќе да зборуваме? Ние со години се буниме, ама нив воопшто не ги интересира – објасни Делчев.

Прашања испративме и до Министерството за внатрешни работи, но до објавувањето на текстот не добивме никаков одговор.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.