Приватните автобуски превозници ги отстранија блокадите, му даваат простор на дијалогот

news
Advertisement

Приватните превозници по девет дена блокади, синоќа одлучија да ги прекинат протестите и повлечат автобусите од булеварот „Илинденска“ во Скопје. Ваквиот чекор следи откако премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе го прифати барањето за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град. Приватните превозници очекуваат да бидат повикани на средба од премиерот.

Advertisement

Вчера на прес-конференција Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“ информира дека протестите прекинуваат и автобусите ќе се повлекуваат од блокадите. Потенцира дека одлучиле да му дадат простор на дијалогот што го предложил премиерот Димитар Ковачевски.

Јовановски истакна дека овој е единствен став со кој што се сложиле сите приватни превозници, сепак да се даде шанса целиот овој проблем да не се решава на улица, туку институционално.

– Одлучивме овој проблем да не се решава на улица, туку институционално. Знаеме дека секогаш на маса се решаваат сите проблеми, меѓутоа некој треба да не собере на таа маса за да ги изложиме проблемите и да дадеме еден правец во кој што навистина соодветно и во законски рамки ќе се реши овој проблем, рече тој. Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека кога ќе се исполнат условите за дијалог без притисок, базиран на факти и со вклученост на сите коишто се надлежни да го решат проблемот, тогаш може и да има средба со приватните автобуски превозници.

– Можам да кажам: „да“, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје. И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата посветена на буџетот на МТСП за 2023 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јовановски потенцира дека не се во позиција да дадат услови и да зборуваат за некакви рокови за одржување на средбата со премиерот.

– Не сме во позиција да даваме услови и да зборуваме за некакви рокови. Сметаме дека премиерот брзо реагираше на барањата за средба, брзо реагираше на изјавите на претставникот на приватните превозници кога спомена радикализација. Сметаме дека исто така брзо ќе најден начин да се сретне, како што рече, со било кого кој што нема да му врши притисок или да биде под некаква уцена. Мислам дека немаше таква ситуација, но еве го ослободуваме просторот за да нема такви размуслувања, рече Јовановски.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.