Руските власти објавија дека се уапсени осуммина луѓе во врска со експлозиите на мостот кој ги поврзува Русија и анектираниот полуостров Крим. Безбедносната служба ФСБ кажа дека петмина од нив се Руси, а останатите се Украинци и Ерменци.
Русија ја обвини Украина за саботниот напад, што беше моќен симболичен удар за Владимир Путин, кој лично го отвори мостот во 2018, четири години по анексијата. Путин го опиша нападот како терористички чин и се одмазди со серија ракетни напади на Украина во изминатите два дена.
Портпаролот на Украинската разузнавачка служба Андриј Јусов ги отфрли руските обвинувања како глупост.
„Сите активности на ФСБ и на Рускиот истражувачки комитет се глупост. Тоа се лажни структури кои му служат на режимот на Путин и затоа нема да ги коментираме последните нивни објави“, кажа Јусов.