Скопјани денеска ќе останат без јавен превоз – вработените во ЈСП протестираат поради неисплатените плати

news
Advertisement

Според најавата на синдикалните претставници на ЈСП „Скопје“, автобусите на ЈСП денеска нема да возат и ќе останат во своите автобази во Автокоманда и Ѓорче Петров, поради протестот на возачите кои бараат исплата на платите за септември
Вчера доцна попладне Советот на Град Скопје изгласа иницијатива со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите на вработените во ЈСП. Дотогаш, скопјани ќе останат без јавен превоз
Скопјани денеска ќе останат без јавен градски превоз во главниот град. Автобусите нема да возат и ќе останат во своите автобази во Автокоманда и Ѓорче Петров, поради протестот на возачите кои бараат исплата на платите за септември.

Advertisement

Ова вчера го најавија синдикалните претставници при ЈСП „Скопје“ кои кажаа дека возачите денеска нема да возат зашто се гладни и уште еднаш побараа исплата на платите. Тие им се извини на граѓаните, со образложение дека ова морало да се случи за еднаш засекогаш да се реши проблемот со редовни плати во ЈСП.

За неисплатените плати на вработените во ЈСП се разговараше и на вчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје. Доцна попладнето беше изгласана иницијатива со која се побара од градоначалничката на Град Скопје до петок до 12 часот да достави одлука за прераспределба на средства за да се исплатат платите на вработените во ЈСП.

Одлуката следуваше при тричасовната расправа меѓу советниците кои си ја префрлаа вината за тоа кој е виновен за состојбата во претпријатието. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Арсовска, а од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт.

Следната седница на Советот на Град Скопје е закажана за петок во 14 часот, но постојат можности и денеска да биде свикана вонредна седница на градскиот Совет доколку биде доставена одлуката за прераспределба на средства.

Град Скопје вчера ги извади дел од автобусите на ЈСП пред Владата, посочувајќи дека вината за тоа што вработените во ова скопско јавно претпријатие сè уште не зеле плата е кај Владата, односно кај Министерството за образование кое му должи два милиони евра на ЈСП од блок дотации за бесплатниот превоз на средношколци.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.