Тешка автобуска несреќа близу Загреб, многу загинати

news
Advertisement

Полицијата и итните служби на местото на автобуската несреќа на автопатот во Хрватска, на 60-тина километри од Загреб

Advertisement

Дванаесет полски државјани загинаа во автобуска несреќа кога автобус излета од автопатот во северна Хрватска, на 60-тина километри од Загреб.

Бројот на загинати се зголеми од 11, откако еден од повредените почина во болница, изјави министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ на прес-конференција во градот Вараждин, во чија непосредна близина се случи несреќата во која се повредени 30-тина патници


Осумнаесет од нив се во тешка состојба, изјави Маја Грба Бујевиќ, шеф на хрватската служба за итни случаи. Повредените патници се згрижени во болниците во Вараждин, Загреб и Чаковец

Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека имало многу патници со тешки повреди, а информацијата за несреќата стигнала од полски државјанин кој бил во автобусот. На терен веднаш биле испратени пожарникари, полиција и 16 екипи на итната помош.

Хрватските власти веднаш ги контактирале своите полски колеги и дознале дека автобусот бил регистриран во помал град во близина на Варшава и се движел кон Меѓугорје.

„Сите жртви се полски државјани, тоа можеме да го потврдиме во овој момент“, изјави портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки на Твитер напиша дека разговарал со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од каде му било порачано дека имаат целосна поддршка од хрватските медицински служби. Моравјецки, исто така, рече дека станува збор за аџии кои биле на пат за Меѓугорје во Босна и Херцеговина.

„Сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите“, напиша полскиот премиер.


Тешката несреќа се случила околу 5:40 часот. Автобусот излетал и паднал во канал надвор од автопатот, потврдија од хрватската полиција. Повеќе за причините за несреќата ќе се знае по истрагата која е во тек, иако во дел од хрватските медиуми е објавено оти има сомнежи дека возачот заспал зад воланот.

Хрватска привлече милиони туристи ова лето. Околу 580.000 полски туристи ја посетиле Хрватска во периодот од јануари до јули оваа година.

Во јули 2021 година, десет туристи од Косово загинаа во автобуска несреќа на автопат во источна Хрватска./slobodnaevropa.mk/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.