ТРИ НАГРАДИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ МЕДАРИ НА САЕМОТ ВО ТЕТОВО, КИЛО МЕД ОД 700 ДО 1.200 ДЕНАРИ

news
Advertisement

Трета година по ред во Тетово се одржува Саемот на мед, манифестација на која освен што се презентира македонскиот мед се прогласуваат и победниците од меѓународниот натпревар во квалитет на мед „Тетовски награди за мед# (Tetovo Honey Awards). Дека Македонија, а посебно Тетовскиот Регион има висококвалитетен мед и оваа година потврда беа бројните награди кои ги освоија нашите пчелари.

Advertisement

„На меѓународниот натпревар во квалитет на мед учествуваа 275 производители на мед и пчелни производи од 21 држава од речиси сите континенти. Од нив се истакнати 7 шампиони од кои 3 се од Македонија кои освоија награда за костенов мед, медлика и за ливадски, односно полифлорен мед. За квалитетот на македонскиот мед зборуваат и бројните награди кои нашите медари ги освојуваат и на многу странски натпревари од ваков вид. Некои од наградените се учесници на годинашниов Саем на мед“, вели Владимир Петровски од Здружението „Полошки мед“.

Тоа за што најмногу се зборуваше на годинашниов Саем на медот беше неговата цена. Посетителите велеа дека таа е висока, додека производителите потенцираа дека тоа е поради наглото зголемување на цените на заштитните препарати и опремата за пчеларството, кои се одразуваат и врз крајната цена на медот. На саемот немаше мед поевтин од 700 денари, а цената одеше дури и до 1.200 денари.

„Ваквите тешки услови за работа придонесоа некои пчелари да го намалат бројот на пчелните кошници. Пчелари кои професионално се бават со пчеларство и кои до неодамна имале и преку 500 пчелни кошници, сега веќе го намалуваат нивниот број па дури и за половина, за да можат порентабилно да работат. Поради тоа и цената на медот е порасната“, вели Петровски.

И пчеларите кои ги изложуваа своите производи на Саемот се жалеа на високите цени на заштитните материјали и опремата поради што биле принудени да ја покачат цената на медот.
„Среќа за нас е што, после неколку слаби години, оваа беше добра година за пчеларството што се однесува до климатските услови и приносот на мед. Но наспроти ова, цените на репроматеријалите и опремата кои ни се потребни за производство нагло поскапе од 50 до 100 насто, па затоа моравме да ја зголемиме цената на медот и на производите од мед. Знаеме дека реагираат и граѓаните дека медот е скап, но ако се знаат придобивките од медот тогаш тој и не е така скап. Медот јас го продавам по цена од 800 до 900 денари“, вели Владимир Антовски, пчелар од тетовското село Жилче.

Оваа година освен мед и производи од мед на Саемот се претставија и неколку производители на опрема и машини за медарство.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.