Ќе влеземе во ЕУ само ако сите сакаме и ако сака ЕУ

news
Advertisement

Не знам дали ќе постигнеме реален, а не реторички национален консензус и дали ќе го одржуваме додека траат преговорите со ЕУ и не знам дали ЕУ по војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот, вели шефот на државата Стево Пендаровски.

Advertisement

Можно е Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година, но на тој пат ѝ претстојат повеќе услови и обврски без чие исполнување илузорно е да се очекува дека ќе се оствари таа цел. Tреба да има национален консензус, уставни промени, реформи, независно правосудство и Унијата да биде подготвена да го задржи фокусот на Западен Балкан, заклучија учесниците на вчерашната тркалезна маса во организација на Советот на амбасадори на тема „Западен Балкан меѓу Западот и Истокот: Северна Македонија членка на ЕУ до 2030?“ Претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека членство во Унијата е можно до 2030 година, бидејќи имаме потенцијал, паметни луѓе, но мора да постигнеме „траен“ национален консензус, а ЕУ и по војната во Украина да не го заборави регионот.

– Имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори и сме најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ. Меѓутоа, не сум сигурен за две работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме реален, а не реторички национален консензус. Во овој момент го немаме. И дали ќе го одржуваме години и години додека траат преговорите. Второ, не знам дали ЕУ и по завршување на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот – рече Пендаровски.

Тој пред новинарите додаде дека сите политичари велат дека се за ЕУ, но кога ќе се постави прашање дали под овие услови и со оваа преговарачка рамка, половината ги нема. Во тој контекст прва обврска е промената на Уставот и тука треба да се покаже дали некој е за ЕУ или не е.

– Конкретното барање да ги внесеме Бугарите во Преамбулата е познато. Ако имаме шест дела од други народи, плус Македонците, тогаш што е спорно, како ја рушиме македонската држава ако внесеме уште Бугари, Хрвати, Црногорци, можеби Евреи – рече Пендаровски.

Шефот на државата мисли дека опозициските партии нема да го сменат ставот надевајќи се дека ќе победат на избори, а плус имаат заверени изјави кај нотар дека ни на сон нема да потпишат промена на Уставот. Решението, според него, е „постојано јавно да објаснуваме дека ако ги ставите Бугарите во Преамбулата не ја рушите државата, дека станува збор за една сосема бенигна ситуација“.
И евроамбасадорот Дејвид Гир уверуваше дека со промена на Уставот не се губи идентитетот и потсети дека тоа е прва обврска на земјава.

– Промената на Уставот мора да се направи. Нереално е овој чекор во процесот да се избегне и да се верува дека без него преговорите магично ќе продолжат. Земјата треба да продолжи да демонстрира напредок во реформите. Зборовите не се доволни, туку треба нивно спроведување. Неопходно е почитување на човековите права и на правата на малцинствата, независно судство и обвинителство, независни институции… Вашата иднина е во ваши раце и дали ќе станете членка на ЕУ во 2030 година, зависи од вас – беше категоричен Гир.

И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ се согласи дека за ЕУ кај нас сѐ уште не е постигнат консензус од политичките актери, не само декларативен.

– Потребен ни е консензус со одговор на прашањето од сите политички чинители дали сакаме да станеме членка на ЕУ не под условите што ние сме ги замислиле, туку под условите што реално се на масата. Достижна е 2030 година ако се изведат реформскиот и процесот на преговори, тоа е задача на сите чинители во државата, а вториот услов е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ – рече Маричиќ.

Тој уште појасни дека поддршката за ЕУ последните години е опадната не поради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ, туку поради разочараноста од динамиката на внатрешните реформи од една страна, а од друга реалната недостижност на членство поради недостигот на перспектива понудена од ЕУ.
Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили, пак, се осврна на борбата против корупцијата за која политичките елити ниту имаат желба, ниту обиди да ја водат „со исклучок на некои што се докажани во нивната европска определба“.

Шведска амбасадорка Ами Ларсон предупреди дека корупцијата врши ерозија на општеството и демократијата со тоа што ја поткопува довербата во институциите, а Македонија треба да направи многу повеќе за да покаже ефективност во спроведувањето на законите што е и главен услов за членство во ЕУ.
Оценката на Ерик Мејер, заменик-амбасадор на САД, е дека иднината на нашата држава е во ЕУ, а „ЕУ е на дофат“. Во однос на домашните реформи за криминал и корупција, Мејер посочи дека е потребен значителен напредок.

– Бевме искрени и отворена. Лидерството на Северна Македонија треба да ги направи потребните реформи, не странските амбасади. Институциите и судството мора да функционираат независно и транспарентно, а тоа сега не го прават – рече Мејер.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.