Австриските алпски региони се подготвуваат за зимската туристичка сезона, но угостителскиот сектор се соочува со сериозен недостиг од работна сила. Иако хотелите нудат атрактивни услови – минимална плата од 2.200 евра бруто, бесплатно сместување и храна – голем број работни позиции остануваат празни.
Како што пренесува Heute.at, проблемот со недостигот од квалификуван кадар трае подолго време. Сопственик на хотел во тиролскиот град Флис објаснува дека ситуацијата се влошила по пандемијата, кога голем дел од келнерите се префрлиле во други професии, напуштајќи ја гастрономијата.
Поради тоа, хотелите сè почесто бараат работници од странство, преку Австриската служба за вработување (AMS). Моментално се отворени позиции за келнери за периодот од 18 декември 2025 до 6 април 2026 година. Кандидатите треба да имаат основно познавање на германскиот јазик, пристојно однесување, самостојност и минимално искуство во работа со гости.
И покрај поволните услови и можноста за повисоки примања, интересот е речиси незабележителен. Австриските медиуми јавуваат дека досега пристигнале само мал број нецелосни и нерелевантни апликации, најмногу од Мароко – што дополнително ја комплицира подготовката за претстојната зимска сезона.
Хотелите предупредуваат дека без навремен ангажман на персонал, би можеле да се соочат со сериозни потешкотии во функционирањето оваа зима.