Домови на пеколот: Ги носат на нозе, ги враќаат во ковчег – морбидни случувања во дел од Домовите за стари лица

News

Домови на пеколот: Ги носат на нозе, ги враќаат во ковчег – морбидни случувања во дел од Домовите за стари лица

„Фокус“ располага со имињата на неколку Домови за стари лица, за кои поблиските членови на нивните семејства реагираа до нашата редакција, со цел, како што велат, да успеат да ги спасат и барем да проживеат мирно тоа малку од животот што им останува. Сите едногласно тврдат дека никогаш нема да си простат што дозволиле нивните родители да ги поминат вратите на тој пекол. Морбидна атмосфера, тепани стари лица, малтретирани и оставени без терапија, без дозвола да ги посети некој од нивните најблиски, старата доба ја живеат како во хорор-филм. Работите одат до таа мера што некои од нив завршуваат крвави и врзани за кревет, само ако си дозволиле да побараат нешто.

Текстот е објавен на 5 ноември, 2025 година во неделникот Фокус во бројот 1570

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Во голема полициска акција на крајот на февруари уапсени се седум лица, пет жени и двајца мажи, обвинети дека малтретирале стари лица што престојувале во старскиот дом РСА „Сакро Куоре“ во Комо, Италија.

Во тој период, на социјалните мрежи се појави снимка на која може да се забележи дека сите седуммина се осомничени за психичко и физичко малтретирање на стари и беспомошни лица.

Карабинерите од Менаџо и истражната единица на провинциската команда Комо извршиле голема операција врз основа на истрага, која се водела шест месеци, поточно од август 2024 година.

Полициската станица во Комо пријавила малтретирање на стари лица што биле сместени во блискиот дом. Според италијанските медиуми, жалбата не била поднесена од семејствата на пациентите, туку од надворешен извор, кој пријавил појава на „чудни работи кои не оделе како што треба“ во институцијата.

Во текот на истражните дејствија, координирани од Јавното обвинителство во Комо, собрани се повеќе видеодокази и аудиоснимки, кои ќе го потврдат постоењето на систематско насилство, вклучувајќи тепање, навреди, клевети, омаловажување – и физичко и психичко.

Сево ова доведе до апсење на седум лица, од кои две веднаш се ставени во затвор поради екстремно насилство, додека пет лица добиле домашен притвор поради малтретирање. Дополнително, еден од работниците бил обвинет дека неовластено се занимавал со работа како медицинска сестра, без никакви квалификации.

Ова се случувало во Италија, но ништо поразлична не е и ситуацијата во Македонија, каде што многу години, старите и беспомошни лица се мета на сопственици и вработени во дел од старските домови, кои поминуваат цел хорор, а на крај завршуваат претепани и врзани со синџири, а дел од нив умираат по краткиот престој таму.

Тука не станува збор за само еден Дом за стари лица, туку во прашање се неколку, кои „Фокус“ подолг период ги истражува, откако претходно неколку членови на семејства реагираа. Нашите соговорници реагираат како за огромни суми на пари ги оставале своите блиски во старски дом, немајќи кој да се грижи за нив, а од таму ги ваделе во ковчези. Вистината има само едно лице, па време е да ја раскажеме!

ДОМОВИ НА ПЕКОЛОТ

Во земјава има 46 приватни и пет државни домови, од кои најголемиот дел се лоцирани во регионот на Скопје, но има и во Битола, Неготино, Кавадарци, Радовиш и во Гостивар. Нив можат да си ги дозволат само оние со високи пензии. Месечниот престој е над 500 евра.

За разлика од приватните, според листата на Министерството за труд и социјална политика, државни се само пет, во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и во Берово.

Низ текот на годините, сопствениците сфатија дека бизнис-зделката е добра, па почнаа да никнуваат вакви домови како печурки на секој чекор.

„Фокус“ располага со имињата на неколку Домови за стари лица, за кои поблиските членови на нивните семјства реагираа до нашата редакција, со цел, како што велат, да успеат да ги спасат и барем да проживеат мирно тоа малку од животот што им останува. Сите едногласно тврдат дека никогаш нема да си простат што дозволиле нивните родители да ги поминат вратите на тој пекол.

Кога и да се отвори официјалната веб-страница на повеќето од старските домови, навидум сè изгледа мирно, тивко, пријатно и убаво. Бројните споделени фотографии ја „покажуваат“ убавината во домовите, пријатната атмосфера, „среќните“ лица на луѓето сместени таму. Се слават родендени, се играат игри, се гледа телевизија, се дружат…

Луксузни и комфорни соби со сопствен балкон, опремени со смарт телевизори, климатизери, СОС тастери за повик на помош и безжичен интернет. На прво место е квалитетот на медицински услуги. Мени за храна во консултација со нутриционист и според личните здравствени потреби и желби.

Вака сè изгледа совршено и идеално. Но, само на фотографии. Дали е прикажана вистинската слика на сето тоа што се случува зад затворени врати во повеќето од нив?

Морбидна атмосфера, тепани стари лица, малтретирани и оставени без терапија, без дозвола да ги посети некој од нивните најблиски, старата доба ја живеат како во хорор-филм. Работите одат до таа мера што некои од нив завршуваат крвави и врзани за кревет, само ако си дозволиле да побараат нешто.

Во меѓувреме и тие, а и секој што се соочува со потреба да ги згрижи немоќните родители, се соочуваат со страшни сведоштва за искуствата низ старските домови. Тие говорат за седирање на луѓето за да бидат мирни, за тепање на недвижните болни, за врисоци што се слушале по телефон, за стари луѓе што умираат кратко по оставањето.

„Мајка ми преживуваше цел хорор во еден од Домовите за стари лица. Ја однесовме затоа што јас и сопругот работиме, децата на училиште, а за неа немаше кој да се грижи. Со тешко срце донесов таква одлука, но немав избор, има деменција. Замислете, плаќавме 33.000 денари, а веќе по вториот месец ја направија неспособна. Се молев да ја видам сопствената мајка.

Едвај успеав, но дали знаете каква беше. Целата со модринки, со памперс, кој веќе го користел некој друг, се гледа дека била врзувана и малтретрирана. Не јадела со денови. Па, како немаат срце, како можеш жива душа така да ја малтретираш“, раскажува за „Фокус“, 56-годишната ќерка, која сакаше да остане анонимна.

Она не е единствената што се обрати до нашата редакција. Се случува дури дел од старите да бидат предозирани со лекови, да бидат како билки, за да не го „малтретираат“ и тој малку персонал, кој го има Домот за стари лица.

„Татко ми го направија неспособен да размислува. Го предозираа со лекови, само за да не кажува што се случува внатре. Ние плаќаме, а не ми дадоа со месеци да го видам. Којзнае што сè претрпел таму. Жално е свесно да ги умираат старите. Немаат ли милост“, прашува 45-годишна ќерка на родител, кој едвај успеале да го извлечат од домот.

На почетокот на октомври, обвинителство отвори истрага за два дома за стари лица, во кои секојдневно биле малтретирани и тепани.

ГОДИНИ СТРАДАЊЕ И МАЛТРЕТИРАЊЕ

Како што веќе објавивме, „Актив“ и „Арија“ се двата приватни старски домови, во кои сместените стари лица биле малтретирани, понижувани и им се вршело психичко и физичко насилство.

Според податоците од Централниот регистар, како сопственички на домот за стари лица „Актив“ фигурираат Наташа Јовановиќ и Тимка Иванова, двете од Скопје, против кои е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за сторени кривични дела „продолжена злоупотреба на службената положба и овластување“ и „малтретирање во вршење на службата“.

Вториот дом за стари лица „Арија“ , кој е лоциран во скопски Бутел, исто така како негов сопственик фигурира Наташа Јовановиќ, која најверојатно управувала и со двата старски дома. Како нејзин партнер во сопственичката структура е Новица Велковски.

„При извршените претреси во двете установи, од кои едната на улицата Рудо во Бутел, а другата на улицата Козара во Центар, утврдено е дека двете осомничени вршеле физичко и психичко насилство со цел да им нанесат физичка и душевна болка, односно страдање на корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување. Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица. За грижа и нега на лицата немале обезбедено соодветен број редовно вработени стручни кадри“, информираа од Основното јавно обвинителство.

Исто така, на сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна, производи и материјали што доаѓаат во контакт со храна.

„Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови, кои не биле пропишани од лекар.

По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување“, продолжува понатаму во соопштението од ОЈО.

Двете сопственички завршија во притвор, а од ОЈО за „Фокус“ истакнаа дека истрагата е во тек.

Уште пред две години објавивме морбидна приказна за баба, која почина во Домот за стари лица „Феникс фемили“, а нејзината ќерка без влакна на јазикот ни раскажа каков терор преживеала нејзината мајка. Во октомври 2021 година, во домот ја примиле пациентката Јелица Оринова, на која како дијагноза претходно ѝ е откриена васкуларна деменција.

Според објаснувањето на нејзината ќерка Славица Оринова, која повеќе од три децении живее и работи во Њујорк, нејзината мајка ја сместила во Домот за стари лица, со оглед на тоа што таа морало да патува и надевајќи се дека таму ќе има соодветни услови за живеење и ќе ја добива потребната нега, стручна помош и здравствените услуги.

За целосниот месечен третман во старскиот дом била платена сума од 33.000 денари, а за да не биде сама, на 82-годишната баба, друштво ѝ правел и нејзиниот сопруг, со цел да има на кој да се потпре во собата во која биле сместени.

Тогаш почнува голготата на Оринова, која од тој момент во следните 12 дена, колку што седи во старскиот дом, не излегува од својата соба.

Нејзината ќерка, како што сведочи за „Фокус“, прво што прашала кога преговарала со менаџментот на домот е дали имаат пациенти заразени со корона, а тоа го сторила неколкупати и пред и по потпишувањето на договорот.

По долги консултации на вработениот со управителот, таа конечно стигнала до собата на својата мајка, која ја немала видено со денови.

– Ја затекнав во критична неконтактибилна состојба, веќе паѓаше во кома предозирана со лекови и инфицирана со корона, со масивна пневмонија. Едвај дишеше и не можеше да зборува, како што и потврдија во болницата.

Не ѝ била укажана соодветна медицинска помош, а ниту, пак, мене ме информираа дека е болна, иако се јавував по неколкупати на ден. Доаѓав и секогаш ме лажеа дека е добро. Тие знаеја дека е болна од корона, ама за да не им се затвори домот, криеја од луѓето – тврдеше во тој период Оринова.

На крајот, жената почина и никој не презеде одговорност. Во меѓувреме, старскиот дом непречено работи.

Единствен дом што доби клуч на врата беше домот во скопско Радишани, „Бранкица“, под раководната палка на Ѓорѓи Пиловски. Таму се водеше битка од сите страни, па на крај Министерството за труд и социјала немаше избор. Мораше да пресече. Еднаш беше отворен, но повторно го затворија откако соседите ги презедоа сите мерки, а страшните случувања излегоа во медиумите. Под притисок на јавноста, геријатрискиот дом се затвори.

Екипата на „Фокус“ неколкупати го посети старскиот дом, кој беше врата до врата со другите куќи. Уште тогаш кога стигнавме можеа да се слушнат лелеците на изнемоштените стари лица, кои беа постојано гладни, тепани и малтретирани.

Таа приказна се затвори, но колку има отворени во кои старите го добиваат истиот тој третман и живеат во пекол.

ТРУД И СОЦИЈАЛА НЕ МРДА СО ПРСТ

Тука прстот на одговорност оди кај Министерството за труд и социјална политика, кое во свои раце ја има целата надлежност, но од тоа што може да се забележи, очигледно слабо си ја вршат работата.

Инспекторите се на терен, а од тоа што може да се види на официјалната веб-страница на Министерството е дека се извршени неколку вонредни надзори по одредени претставки од семејствата на старите лица, но нема детални објаснувања, освен што и како треба да се промени.

Еден од направените надзори годинава е во Приватната установа за заштита на стари лица „Милица“, каде што на сопствениците им се наложени само работите што треба да се променат и за тоа им е даден рок од 40 дена.

Исто така, во 2024 година е извршен редовен инспекциски надзор во радовишкиот Дом за стари лица „Астереон“, а меѓу нив се и домовите кои во моментот се под истрага на Јавното обвинителство. Во решенијата не можат да се најдат сите детали.

На пример, домот во Бутел, според решение од декември 2023, бил задолжуван да обезбеди по четири оброци на ден според пропишаните стандарди. И при контрола на почетокот на 2024, било издадено решение за оброците – тие се набавувале преку кетеринг од друга фирма, а инспекторите ги задолжиле одговорните во домот да обезбедат спецификација за храната што се доставува.

За домот во Капиштец, пак, на пример, според решение од јуни 2023, била констатирана неправилност во однос на бројот на вработени и на одговорните им било забележано дека треба да имаат вработено четири медицински сестри, односно една сестра во секоја смена.

Во 2024 година, според МТСП, е извршен редовен надзор и во Приватната здравствена установа за стари лица „Герентос“ во Скопје, од која се бара од раководните лица да побараат дозвола од градоначалникот на општината за вршење на оваа дејност, установата која има приземје и еден кат да обезбеди подвижна платформа, да обезбеди соодветен број стручни кадри, како и да се опремат собите со мијалници со топла и ладна вода.

На страницата на Министерството за труд и социјална политика можат да се најдат бројни извршени редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори во Домовите за стари лица, на кои во издадените решенија им се наведува кои сè неправилности треба да ги средат, но ретко се случува некој од нив да ги почитува.

„Фокус“, уште во август до надлежното Министерство испрати барање по слободен пристап до информации, од каде што побаравме детални одговори на сите наши прашања. Но, веќе три месеци од таму не добивме повратни одговори

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *