
ВМРО-ДПМНЕ: Лотаријата функционирала како приватна фирма на Груби, СДС молчеле за криминал од речиси 1 милион евра
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Државна лотарија функционирала како „приватна фирма под покровителство на Артан Груби“, додека СДС, како што велат, свесно молчеле и ги толерирале злоупотребите за да останат подолго на власт.
„СДС, заради опстанок ден повеќе на власт, ги заташкувале злоупотребите кои се случувале во Државната лотарија под раководство на Бајрами, а под покровителство на Груби. Тоа го потврдува и извештајот на Државниот завод за ревизија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Државната лотарија директно исплаќала аванси за мали добивки на 320 правни лица, во вкупен износ од речиси 14 милиони денари, без користење на законски предвидениот „мастер дилер“.
Од овој износ, за околу 13 милиони денари, односно над 210.000 евра, ревизијата утврдила дека документацијата е неуредна, невалидна или целосно недостасува.
Дополнително, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ревизорскиот извештај констатирал и спорна и неверодостојна документација за готовински одливи од 36,5 милиони денари (околу 600.000 евра), како и за приливи од речиси 8 милиони денари (околу 130.000 евра).
Партијата посочува дека во периодот кога се случувале овие наводни злоупотреби, Државната лотарија немала внатрешен ревизор, а надлежните институции не реагирале.
„Дали СДС замижале пред криминал вреден речиси еден милион евра за да се одржи коалицискиот мир? Колку пари завршиле во џебовите на Груби и Бајрами?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму побараа Јавното обвинителство да отвори постапка и да утврди каде завршиле парите, додавајќи дека молкот на СДС отвора сомнеж за соучесништво во криминалот.
Во соопштението се нагласува и потребата од итни реформи во правосудството, со образложение дека „правдата мора да важи еднакво за сите, без разлика на политичката припадност“.