Декемвриските пензии ќе се исплатат на 2 јануари – обезбедени околу 150 милиони евра
Скопје, 30 декември 2025 – Фонд на ПИОМ информира дека се целосно обезбедени средствата за исплата на пензиите за месец декември 2025 година, а исплатата ќе се реализира на 2 јануари 2026 година.
Како што соопштуваат од Фондот, поради тоа што 1 јануари е неработен ден и државен празник, средствата ќе бидат навремено префрлени до сите деловни банки на првиот работен ден во новата година.
За оваа намена се обезбедени 9.289.521.686 денари, односно околу 150 милиони евра, со што ќе бидат опфатени 340.156 корисници на пензија низ државата.
Од Фондот додаваат дека известувањата со прецизни податоци за бројот на пензионери и износите за исплата веќе се доставени до сите деловни банки, што, како што наведуваат, гарантира навремена, ефикасна и непречена исплата без доцнење.
На крајот од соопштението, Фондот на ПИОМ им ги честита претстојните новогодишни и божиќни празници на сите пензионери и граѓани.