Во периодот од јануари до септември годинава, преку патарините во земјава се наплатени вкупно 58 милиони евра, информира Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Само во септември приходите на наплатните станици изнесувале 401.971.971 денар. Во летните месеци, кога сообраќајот е најгуст, наплатата била највисока – 494.308.025 денари во август, 469.811.647 денари во јули и 399.325.680 денари во јуни.
Како најпрофитабилна наплатна станица се издвојува Романовце, додека најмалку приходи се бележат на Кадрифаково.
Од ЈПДП истакнуваат дека електронската наплата веќе учествува со 35 проценти. Во тек е подготовката на проектот за надополнување на МТаг и Мкард, а од претпријатието очекуваат наскоро да започне и продажбата на МТаг уредите преку правни лица ширум државата.