Сопругата на Андреј од ДНК објави емотивен спомен од него со ќеркичката – тој вели: „Мавни ѝ со рака на мама“

News

Наталија на Инстаграм Стори прво сподели емотивно видео со инсерти од кобната ноќ во дискотеката Пулс, од кое ќе ве полазат морници и повика поддршка за Маршот на ангелите, а потоа објави видео од архива со сопругот Андреј и ќеркичката, кога двајцата се возат на жичница и ѝ мавтаат со рака на мама.

Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од ДНК, ретко споделува на социјалните мрежи откако го загуби сопругот во трагедијата која се случи во Кочани на 16 март, каде прекина животот на 63 невини души.

Сега таа на Инстаграм Стори сподели неколку објави, меѓу кои и едно старо видео од архива, кое истовремено топли душа заради љубовта која зрачи, но и создава уште поголема болка заради тоа што веќе нема да се повтори.

Снимката е направена од Андреј, додека среде зима се вози на жичница со нивната ќеркичка Јана.

Тој ѝ вели „Мавни ѝ на мама“, а Јана се смее, мавта со рака во камерата и потоа кажува „Многу е страшно“, на што тој одговара „Чекај не е страшно“ и снимката прекинува.

Може да го погледнете видеото ТУКА, додека е активно, бидејќи по 24 часа од објавата истекува.

Ова е една од најемотивните објави на Наталија, откако 7 дена по трагедијата сподели срцекршачки разговор со ќеркичката.

„Мамо, сакам да бидам дома, зашто ЈАС ти требам тебе… А и ти ми требаш мене… Јана за 7 дена порасна како за 7 години“

Инаку, освен видеото кое ја распарува душата, Наталија на Инстаграм Стори сподели и апел за поддршка на 30-тиот Марш на ангелите, што ќе се одржи на 15-ти ноември во Скопје.

Таа сподели видео со инсерти од кобната вечер во дискотеката Пулс во Кочани, на кое во позадина се слушаат извадоци од зборовите кои биле пренесувани на телевизија, од што повторно ќе ве полазат морници.

Во апелот кој го сподели Наталија стои:

ПОВИК ЗА 30-ТИОТ, МАРШ НА АНГЕЛИТЕ ”

На 19 ноември 2025 година започнува судскиот процес за трагедијата што засекогаш ги промени нашите животи. Ние, родителите и семејствата на загинатите млади животи, ќе бидеме таму – мирно, достоинствено и со вера во вистината, за да го следиме судењето и потсетиме дека секоја пресуда мора да се темели на вистината, а не на заборавот.

Во пресрет на почетокот на процесот, ве повикуваме сите граѓани на Mакедонија, сите што веруваат во човечноста и правдата, да ни се придружите на:

15 ноември 2025 год. (сабота)
12:05 часoт

Од плоштад Македонија – Скопје, продолжуваме кон Собранието, до Основниот кривичен суд – Скопје.

Да чекориме со љубов, со болка и со достоинство

Во име на оние што повеќе не можат да чекорат

Овој марш не е протест, туку мирен апел за правично судење!!!

За да потсетиме дека зад секој број стои име, живот, семејство и болка.

Нашата порака е едноставна, но длабока:

За нашите деца.

За вистинска правда.

За Македонија со совест.

Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што се откажува од вистината!!!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *