ОЈО Кавадарци поднесе обвинение против три лица за закани и ширење омраза кон градоначалникот

News

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение до надлежниот суд против три лица за кривичното дело загрозување на сигурноста според член 144 од Кривичниот законик. Првообвинетиот дополнително се товари и за продолжено ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем по член 394-г.

Според обвинението, првообвинетиот подолг временски период објавувал содржини со говор на омраза, навреди, повици на насилство и директни закани кон градоначалникот на Кавадарци. Тој на својот Фејсбук-профил споделувал и фотографии од градоначалникот и неговите малолетни деца, а објавувал и видеа во кои пука со автоматска пушка и пиштол, претставувајќи ги како доказ за сериозноста на неговите закани.

Од јули оваа година, обвинетиот започнал и директно да му се јавува на градоначалникот преку телефонска апликација, испраќајќи закани по неговиот живот и по безбедноста на неговото семејство.

Второобвинетиот, исто така преку телефон, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет, додека третообвинетиот во коментари на Фејсбук дополнително упатувал закани за убиство.

Обвинителството соопшти дека првообвинетиот, кој има македонско и бугарско државјанство, претставува ризик од бегство и потенцијална опасност повторно да го изврши делото. Поради тоа, до судијата за претходна постапка поднесен е предлог за определување мерка притвор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *