Сrцевото здравје најчесто го поврзуваме со исхраната – помалку црвено месо, избегнување шеќери, алкохол и сол. Но, лекарите предупредуваат дека вистинската опасност за срцето може да се крие во нешто што го правиме секој ден, веднаш по ручек.
Кардиолозите алармираат: долгото седење по јадење е навика што драматично го зголемува ризикот за срцеви заболувања – и тоа дури и кај луѓе кои редовно вежбаат.
Според кардиологот д-р Рагавендра Балига, долго седење го забавува протокот на крв, го покачува шеќерот во крвта и дополнително ги оптоварува крвните садови. Колегата д-р Хашајар Хематпур додава дека оваа навика може да предизвика висок крвен притисок, натрупување на плаки во артериите и влошена контрола на телесната тежина.
Научните податоци се загрижувачки: мажите кои седеле повеќе од 23 часа неделно имале до 82% поголем ризик од смрт поради кардиоваскуларни болести во споредба со оние кои седеле помалку од 11 часа.
Лекарите препорачуваат едноставно решение: прошетка од 10 до 15 минути по ручекот. Кратката физичка активност ја подобрува циркулацијата, ги намалува триглицеридите, го стабилизира шеќерот и го намалува крвниот притисок.
„Кратокo одење по јадење функционира како ресет на срцето и метаболизмот,“ објаснува д-р Балига.
За оние кои немаат можност да излезат на прошетка, кардиолозите препорачуваат паузи од 2–3 минути – станување, истегнување или кратко движење на секои 30 до 60 минути.
Колку повеќе се движиме во текот на денот, толку подобро. Ефектите не се само физички – подобрувањето на расположението е уште една директна корист.
Стручните пораки се јасни: по ручек – станете, прошетајте и движете се. Вашето срце ќе ви биде благодарно.