Дали ќе поднесе оставка Трипуновски по апсењето на директорот Стоилов? Ова е одговорот

News

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски нема да поднесе оставка по апсењето на актуелениот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Илија Стоилев поради земање мито. Одговорност побара опозициската СДСМ, но Трипуновски вели Агенцијата е посебна институција. Истрагата покаже дека Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и локална самоуправа во владата на Љупчо Георгиевски му ветил 50 илјади евра на Стоилев за фирмата на Насуфи која не исполнува услови да добие пари од ИПАРД. Полицијата го фати Стоилев со првите 400 евра дадени на рака.

-Опозицијата повикува на моја оставка, но сакам да потенцирам дека агенцијата е посебна институција, која што има посебен менаџмент, посебно управувачко тело кое што работи согласно нивниот план и активности така што не гледам никаква поврзаност затоа апелирам дека овој случај треба да се истражи до крај и доколку има одговорност да се делува согласно законот и процедурата, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.

Министерот вели псењето на Стоилев е показател дека законите треба да важат подеднакво за сите независно дали некој е актуелен и поранешен функционер, а Владата покажала неселективност во борбата против корупцијата.
СДСМ пак предупредува – по корупцискиот скандал можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата, вредна 128 милиони евра.

-По овој скандал, според информациите коишто ги имаме, веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија. Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7 годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство, вели Љупчо Николовски од СДСМ.
Трипуновски пак уверува дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството ќе продолжи непречено да работи.

„ Не гледам загрозеност на ИПАРД средствата и националните плаќања кои што ги имаме како држава“, вели тој.

Меѓу осомничените во скандалот со платежната агенција е и државен службеник во Министерството за земјоделство, како и вработен даночен референт во УЈП. Насуфи како управител на фирмата се гони за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание. Директорот Стоилев за примање поткуп. Тие двајцата се во триесетдневен притвор со уште двајца осомничени, а во куќен притвор петтата осомничена.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *