„Тоа беше обично затворање на врата… Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет. Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка, а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот, заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај“, пишува во пораката таткото Александар Наунов.
Александар Наунов е еден од многуте родители кои ги загубија своите деца на кобниот 16 март во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој остана без 17-годишната ќерка Надица, која беше една од жртвите во пожарот, кој го зави Кочани во црно, но и цела Македонија.
Оттогаш животот на Александар, на сопругата Габриела и нивната помала ќерка Ангела, веќе не се исти.
Овој пат, Александар објави видео, направено од безбедносната камера пред нивната влезна врата, на кое се гледа како Надица излегува, ја заклучува вратата и тргнува по улицата.
Со видеото, тој сподели уште една трогателна порака за својата ќерка, која загина пред скоро 8 месеци.
„Последното затворање на вратата“
Тоа беше обично затворање на врата…
Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.
Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,
а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,
заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.
- Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,
јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.
Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,
наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.
Помина време, но не и мојата болка.
Надица, ти остана вечна во моето срце,
во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.
Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.
И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам.
Извор :црнобело