Кочани му порача на Скопје: Болката е наша, но борбата е заедничка!
Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, порачаа родителите на загинатите од плоштадот во Скопје
„63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“. Со ваков транспарент и слики од жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ родителите од Кочани денеска го предводат протестниот „Марш за ангелите“во Скопје. „Сенките“ се бројот на жртвите за кои, четири дена пред почетокот на судењето за случајот, родителите бараат правда.
На маршот учествуваат неколку илјади граѓани и тој започна точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде учесниците се упатија кон Собранието, а завршницата ќе биде пред Основниот кривичен суд. Маршот е мирен, има и редари, а учесниците во моментов се движат кон Собранието.
„Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, „Колку детски животи треба да згаснат за вие да се разбудите?!“, „Кој ќе ни ги врати другарите?“, „Тишината е соучество“, „Профит во крв“, „Крени го гласот пред да е касно“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“ -се само дел од преостанатите транспаренти со кои маршираат учесниците.
„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка“, порачаа претходно родителите во најавна видеопорака за маршот.
Ова е прв марш во главниот град организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, по неколкунеделните саботни собири што ги организираа родителите во Кочани. Нивната порака и натаму силно одекнува. Родителите очекуваа масовно присуство, нагласувајќи дека нема да се откажат сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата.
Организаторите претходно порачаа – „Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно и да покажеме дека болката не нè скршила, а борбата за вистинска правда продолжува.“
Во меѓувреме, Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора најавија дека ќе преземат сите неопходни мерки за непречено и ефикасно спроведување на судењето за случајот „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Првото рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Фото: Б. Грданоски