ОСУМГОДИШНО ДЕТЕ ТЕШКО ПОВРЕДЕНО ВО ВРАПЧИШТЕ
Петарда му експлодирала во рака за време на игра – итно пренесено во Скопје
Мирниот ден во гостиварското село Врапчиште завршил со тешка трагедија, откако осумгодишно дете се здобило со сериозни повреди кога петарда му експлодирала во рака.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 29 декември 2025 година во 15:10 часот, во ОВР Гостивар било пријавено дека во Ургентниот центар во Гостивар е донесен малолетник со повреда на рака.
„Полициски службеници излегоа на местото и е констатирано дека се работи за осумгодишник од село Врапчиште, кој се здобил со повредите откако во раката му експлодирала петарда“, информираат од МВР.
По укажаната прва медицинска помош во Гостивар, детето било итно транспортирано во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му се укажува понатамошен медицински третман.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, како и засилени контроли низ повеќе градови во земјата за сузбивање на нелегалната трговија со пиротехника.
Надлежните уште еднаш апелираат до граѓаните, особено до родителите, дека петардите не се играчки и претставуваат сериозна опасност по здравјето и животот, особено кај децата.