Едно лице загина кога дрво падна врз автомобил во невремето што ја погоди крајната северна германска покраина Шлезвиг-Холштајн, што е првата жртва од првата голема бура во земјата оваа есен.
Несреќата се случила во петокот попладне на островот Фемарн во Балтичкото Море, изјави портпаролот на полицијата.
Силното источно невреме во петокот скрши гранки и ги поплави плажите и бреговите во Шлезвиг-Холштајн.
Железничкиот и автомобилскиот сообраќај беше отежнат на многу места.
Во градот Фленсбург водата достигна ниво од повеќе од два метри над нормалното, соопшти Министерството за животна средина во Шлезвиг-Холштајн. За Фленсбург ова е највисокиот водостој во последните 100 години.
Во текот на ноќта се очекува повторно смирување на времето и повлекување на надојдените води.
Проблеми во Данска, Шведска и Норвешка
Напливот на бура во Балтичкото Море во петокот предизвика евакуација и прекин на електричната енергија во јужните и источните дански крајбрежни области.
Данската полиција ги повика жителите и туристите преку платформата за социјалните медиуми Кс, порано позната како Твитер, да ја напуштат областа околу плажата Сандерсвиг. Според полицијата, насип попуштил во село за одмор во близина на Хадерслев во југоисточниот дел на Јитланд. На островот Мон во југоисточна Данска, на жителите на одморалиштето им било кажано да ги напуштат своите домови до петок навечер.
Надлежната општина на својата веб-страница објави дека очекуваат поплави во регионот. Околу 200 дански домови останаа без струја во петокот попладне, а според извештајот на ТВ2, снабдувачот со електрична енергија N1 рече дека сите летни куќи во Абенрау, недалеку од германско-данската граница, се погодени.
Данскиот воздушен и фериботски сообраќај беше строго ограничен во петокот. Аеродромот во Копенхаген попладнето соопшти дека поради силниот ветер досега се откажани 88 летови. Според најавата, може да има натамошни откажувања на летови и подолги доцнења во вечерните часови.
Од четвртокот навечер е во прекин и фериботот меѓу Германија и Данска. Редовниот распоред се очекува да продолжи во сабота.
Погодени беа и соседните земји Шведска и Норвешка.
На југот на Шведска затворени се неколку железнички линии и има поплави, јавува новинската агенција ТТ. Норвешкиот метеоролошки институт предупреди на невреме и силни налети на ветер на југот и југозападот на земјата, а откажани се и неколку летови и врски со траект.
Една жртва во Австрија
Во австриската провинција Тирол маж загина од дрво кое паднало за време на невреме. Според полицијата, 86-годишен маж во петокот излегол од својот автомобил во Ландек бидејќи дрвото било на коловозот.
Во тој момент паднале уште две дрва, од кои едното паднало врз човекот, велат тие. Во петокот во Тирол беа измерени удари на ветер од речиси 200 километри на час. Топлото невреме Фоен од југ урна дрвја и откорна покриви.
Железничката линија над превојот Бренер беше затворена изутрината поради дрвја кои паднаа на пругата. Штети од невремето има и во други провинции.