ТРПЕНИЕ – СПАСЕНИЕ: Повисоки плати кога ќе има пари, а пари нема!
Секој што работи согласно со закон и со устав и се труди, заслужува повисока плата, смета премиерот Христијан Мицкоски, кој потсети дека Владата, со ребалансот на буџетот, обезбедила средства за законските усогласувања на платите кај буџетарите, кои беа договорени претходно, со синдикалните организации.
– Во зависност од динамиката на консолидирање на буџетот, при формирањето на буџетот за следната година, подготвени сме да седнеме со сите синдикални единици, организации и да разговараме – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на наставниците за повисоки плати од 12 % и за најавата за евентуални протести.
Тој посочи дека е прв меѓу еднаквите во делот на образованието, бидејќи и тој е образовен и научен работник.
– Јас сум образовен работник и јас сум научен работник, и јас предавам на Универзитетот и апсолутно сочувствувам, мојата сопруга е професорка во средно училиште. Но, мораме да разбереме дека не смееме да дозволиме политизација во синдикалните организирања, не смееме да дозволиме политички памфлети, затоа што секоја изјава на дел од раководствата во синдикалните организации е координирана со денешната опозиција – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека е подготвен да седне да разговара со синдикалните претставници, без политизација.
– Јас сум прв што ќе поддржи нешто за што има основа, нешто за што навистина е потребно да се поддржи. Ве молам за трпение, заедно ќе седнеме и ќе најдеме решение – изјави Мицкоски.
Според него, поголеми плати ќе има тогаш кога ќе има основа за тоа.
– Ние, како Влада, одговорно ќе се однесуваме кон буџетот и народните пари, нема да трошиме за стари политики, нема да трошиме за модуларни болници, нема да трошиме за јавни партнерства за стерилизации за трипати повисоки цени итн. Во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена во детали за сето ова што го зборувам, ќе се грижиме, затоа што ова е нашиот дом, а домот и семејството се сакаат и се штитат – потенцираше Мицкоски.
Премиерот нагласи дека новата Влада, за само два месеца, успеала да ги консолидираат институциите, министерствата и буџетот, кои биле во распаѓање.
– Објавивме податоци за тоа дека минатиот месец, во јули, платите во УЈП беа за 40-ина проценти повисоки споредено со тој месец минатата година. Очекувам директорката многу скоро да ја информира јавноста, која ќе биде многу интересна за кадровската политика, начинот на систематизирање на работните места кои биле наградувани, кои не биле наградувани. И покрај тие предизвици, во УЈП имаме за 40 % повисока наплата, а во Царината за 20 % во текот на јули. Наплатата на патарините е повисока за 66 милиони денари, а состојбата во компанијата е при исти побарувања со средствата на жиро-сметката – изјави Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека политизирањето на барањата на синдикатот од страна на Мицкоски е навреда не само за синдикатите туку и за сите работници во Македонија.
– Сметам дека тоа е обид да се дефокусира вниманието на граѓаните и на јавноста од навистина големите скандали што се случуваат веќе на почетокот од работата на Владата – рече Филипче.
Тој истакна дека се приказни за мали деца изјавите дека нема пари во буџетот за повисоки плати.
– Ако Владата на СДСМ можеше да најде пари во наголемите кризи во ковид кризата, енергетската криза за време на почетокот и за време на војната во Украина, навистина сметам дека се приказни за мали деца или изговор да се каже дека нема пари во буџетот – истакна Филипче.
Мицкоски му возврати на Филипче, велејќи дека „СДСМ тоа што го кажува во јавноста е само продолжување на оние стари политики, како што беа модуларните болници, злоупотребите во здравството, криминали, тендери, јавни партнерства по трипати поголеми цени од тоа што нормално треба да биде“.
– Јас разбирам дека тие се сега уплашени за тоа што следува во периодот што е пред нас и ако објективно ги гледаме пораките што се присутни во јавноста, ќе видите како веднаш, по неколку часа, по претседателот на Синдикатот, реагира претседателот на СДСМ и тоа дава една доза на сомнеж. Јас не велам дека се координирани тие, но чудно е како кореспондираат утринските соопштенија од СДСМ со ставовите на претседателот на Синдикалната организација, која, патем речено, имаше можност, кога беше СДСМ движечка партија во Владата, да потпише колективен договор, па потоа видовме како беше изигран на отворена сцена – рече Мицкоски.