Од 1 февруари стартува казнувањето за сообраќајни прекршоци регистрирани со камерите на „Безбеден град“
Системот „Безбеден град“, кој автоматски регистрира сообраќајни прекршоци преку фиксни и мобилни камери, ќе почне со официјално казнување од 1 февруари 2026, потврди Министерството за внатрешни работи.
Првично беше најавено дека казните ќе стартуваат во јануари, но МВР соопшти дека е донесена одлука за поместување на рокот поради потреба од дополнително унапредување на одредени функционалности во системот. До февруари, камерите ќе продолжат да работат во тест-режим.
Системот ќе биде активен во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10.
Што ќе санкционира системот?
пречекорување на дозволена брзина
поминување на црвено светло
возење нерегистрирани возила
непрописно паркирање (преку мобилни полициски возила со камери)
Според министерот Панче Тошковски, само во првите 12 часа од тестирањето биле регистрирани 65.000 прекршоци, од кои:
2.800 за поминување на црвено светло
1.000 за управување нерегистриран автомобил
До вклучувањето на системот во целосен режим, прекршителите ќе добиваат само опомени, без парични казни.