Битолчани вчеравечер уживаа во вистинско уметничко доживување пред Офицерскиот дом, каде што се одржа настанот „Битола арт мапинг“, во рамките на затворањето на 17-тото издание на Битолското културно лето – Битфест.
Овој несекојдневен проект ја претвори Битола во сцена на современа уметност, каде што публиката имаше можност да биде дел од спектакуларен 3Д мапинг, аудиовизуелни инсталации, музика и интерактивни содржини што ја доближија културата до сите генерации.
Фасадата на Офицерскиот дом блескаше во светлосни ефекти и проекции кои предизвикаа воодушевување кај бројната публика. Станува збор за настан што ја слави средбата помеѓу технологијата и уметноста, и го потврдува статусот на Битола како културен центар со отворен дух.
Со оваа завршна вечер официјално беше заокружено едно богато културно лето. Во изминатите 70-тина дена, почнувајќи од 26 јуни, Битола беше домаќин на голем број настани што ја афирмираа македонската музика, традиција, театар, класична музика и младинска креативност. Посебен акцент беше ставен и на програмите за најмладата публика.
Битфест уште еднаш покажа дека културата живее и се развива, а Битола знае како да ја негува – со страст, стил и отвореност кон новото.
РЖМ – Г.Д.Г
Фото: Фејсбук