Матичните лекари не веруваат во искреноста на Владата дека од 1 јануари идната година ќе земаат повеќе пари.
Тие се сомневаат дека владиното укажување испратено до Фондот за здравство пет дена пред нивниот протест, воопшто ќе се реализира, иако во него има прецизен рок од 60 дена во кои Фондот треба да направи конкретна финансиска анализа.
Претседателката на Здружението на приватни лекари Лилија Чолакова Дервишова вели дека лекарите многу пати досега биле излажани и побара овој документ да се завери и да почне да се применува веднаш.
Според документот, капитациониот бод за матичните од 63 треба да се зголеми на 75 денари, а за стоматолозите да изнесува 61 денар, препишувањето лекови да биде олеснето, во случај на пензионирање на првиот лекар, вториот тим да може да ја преземе ординацијата, препишување повеќе анализи во лабораторија.
Нејасно е зошто Владата молчеше за ова укажување до Фондот, кое го донела на седницата на 30 август, а во кое министрите дале согласност да се решат спорните барања на приватните лекари.
Матичните лекари минатата недела протестираа и три дена не примаа пациенти освен итните случаи. Велат дека ако и овој пат не им се решат барањата, комплетно ќе ја прекинат работата на подолго време, што може да предизвика сериозни проблеми во здравствениот систем.