Албанци и македонци предизвикаа жестока тепачка во Перуџа. Македонски граѓанин заврши во болница

News

Жестока тепачка во Перуџа меѓу Македонци и Албанци: Македонец тешко повреден откако бил прегазен со автомобил

Во италијанскиот град Перуџа, во населбата Сан Систо, се случила масовна тепачка меѓу странски државјани од Македонија и Албанија, во која тешко бил повреден 27-годишен македонски државјанин, а полицијата привела 11 лица.

Според информациите на италијанските медиуми и полицијата, инцидентот започнал во локален бар по вербална расправија поврзана со фотографија направена со мобилен телефон. Расправијата брзо ескалирала и прераснала во физичка пресметка на улица, при што биле користени маси, столици и дрвени палки. Во тепачката, покрај Македонци и Албанци, учествувале и неколку романски државјани.

Ситуацијата дополнително се заострила кога двајца учесници се обиделе да избегаат со автомобил, при што со голема брзина удриле 27-годишен Македонец, кој бил прегазен и тешко повреден. Повредениот е итно хоспитализиран со тешки повреди на двете нозе, а лекарите информираат дека неговото закрепнување ќе трае најмалку еден месец.

Италијанската полиција соопшти дека возачот и сопатникот избегале од местото на настанот, а по нив интензивно се трага. Според првичните информации, едното лице е малолетник.

По пријава на бројот 112, на терен интервенирале повеќе полициски патроли и припадници на карабинерите. При претресите биле одземени предмети користени во тепачката, а кај едно лице била пронајдена и помала количина наркотична дрога. Полицијата соопшти дека еден од осомничените се обидел да сокрие клучеви од возило во саксија.

Вкупно 11 лица на возраст од 19 до 31 година се приведени и префрлени во затворот Капане, а против нив се води постапка за тешко насилство и други поврзани кривични дела.

Истражните органи утврдуваат дали дел од инцидентот е снимен од безбедносни камери, како и дали станува збор за организирана пресметка или спонтана ескалација на конфликт, пренесуваат италијанските медиуми.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *