Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по тричасовната лидерска средба изјави дека сите присутни лидери се согласиле дека техничката влада треба да се укине. Иако измените би можеле да се донесат со 61 глас, Мицкоски нагласи дека не сака решенија „на сила“ и понуди компромис на отсутниот СДСМ.
„Ако СДСМ смета дека е неопходно да има техничка влада за следните избори, нека биде така. Но, со измени кои ќе ги донесеме, кој и да победи на нив, техничката влада веќе никогаш нема да постои“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека, и покрај предлогот на Али Ахмети за консултации со меѓународната заедница, како земја треба да покажеме дека можеме сами да донесеме зрели одлуки.
„Генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Доколку отсутната коалиција не го прифати ова, предлагам измените да не важат за сегашните избори, туку за следните парламентарни избори“, додаде Мицкоски.
Премиерот нагласи дека темата за предвремени парламентарни избори не била отворена и дека измените се неопходни поради реорганизација на ресорите, како што е поделбата на Министерството за труд и социјална политика.
„Ова беше историска средба – за првпат во 35 години лидерите се собраа за да најдат решенија, а не да создаваат проблеми. Јавноста беше сведок на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи“, истакна Мицкоски.
Тој потврди дека дискусиите за изборот на народниот правобранител и за проектот „Сејф Сити“ ќе продолжат на средби на координаторите на пратеничките групи, при што системот за регистрација на прекршоци ќе стартува од 1 февруари, со согласност од ДУИ./nezavisen.mk