„Безбеден град“ да стартува итно, бара Тошковски

News

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница порача дека проектот „Безбеден град“ мора итно да стартува, бидејќи директно влијае на спасување човечки животи. Тој одговори на прашање од пратеникот Илир Хасани од Европскиот фронт, кој како лекар-трауматолог даде поддршка за проектот, но пренесе и забелешки што ги слуша од граѓаните.

Тошковски призна дека државата доцни со ваков систем и нагласи дека многу земји од ЕУ го имаат воведено пред 10, па и над 15 години. Според него, не станува збор за доцнење од неколку месеци, туку најмалку една деценија – што е уште поголем аргумент да се делува веднаш.

Тој информираше дека за време на тест-период од 15–16 дена, според констатации на лекари, е забележано намалување на бројот на лица со тешки телесни повреди во сообраќајни несреќи. Потсети дека во последните 15 години, просечно 145 лица годишно го губат животот во сообраќајот, со што земјата е меѓу најлошите во Европа по овие бројки.

Министерот потенцираше дека „Безбеден град“ не е политичка тема и не треба да се мери низ етничка или професионална призма, туку како мерка за намалување жртви на патиштата. Побара поддршка од сите пратеници и порача дека Собранието треба да ги донесе потребните закони за почеток на проектот, а евентуалните слабости да се коригираат во текот на примената.

Како споредба, Тошковски наведе дека во Хрватска годишно гинат околу 65 лица на милион жители, во Словенија околу 55, во Германија и Австрија 40–45, а во скандинавските земји околу 20. Кај нас, рече тој, просекот е околу 80 загинати на милион жители и тоа континуирано во последните 15 години.

Пратеникот Хасани посочи неколку проблеми од тестирањето: опомени или казни за мали пречекорувања на брзината, тешкотии со доставување казни до граѓани без мобилен телефон или е-пошта, како и фактот дека системот засега работи само во неколку градови. Сепак, тој повтори дека како лекар-трауматолог го поддржува носењето и имплементацијата на „Безбеден град“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *