Граѓанската иницијатива „За почиста Македонија“ бара системот „Безбеден град“ да се прошири – и да почне автоматски да детектира и казнува фрлање догорчиња и отпад од возила.
Од иницијативата велат дека ова со години е голем проблем: загадување на улици и патишта, лоша слика за државата, но и ризик по безбедноста, особено кога догорче се фрла во движење.
„Ова е мала системска промена, ама со големи придобивки – кога прекршокот автоматски се снима и казнува, луѓето многу побрзо си го менуваат однесувањето“, порачуваат од иницијативата.
Тие потсетуваат дека „Безбеден град“ веќе е во тест-фаза и детектира прекршоци како:
-
поминување на црвено
-
неправилно паркирање
-
некористење појас
-
користење мобилен телефон
-
пребрзо возење
Според нив, технички е возможно системот да се надгради со алгоритам што ќе препознава фрлање предмети од возило, нешто што веќе се применува во повеќе европски градови.
Од „За почиста Македонија“ нагласуваат дека догорчињата се најчест отпад на улици и покрај патишта и содржат токсични материи, а разградувањето може да трае до 10 години. Дополнително, филтрите оставаат микропластика што завршува во почва и води.
Посебно алармираат и за пожари: фрлено догорче од автомобил може да запали сува трева и да предизвика сериозни шумски пожари.
„Целта не е само казнување, туку да се создаде навика и свест дека јавниот простор е заедничка одговорност“, порачуваат од иницијативата.