Грипот се шири брзо како никогаш досега со нагло зголемени бројки, како да се заштитите?

News

Во периодот од 8 до 14 декември, во Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат податоците од здравствените власти.

Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а потоа следи Македонски Брод (18). Иако по број на случаи не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 на 100.000 жители.

Според старосната група, најзасегнати се лица од 15 до 64 години (97 случаи), додека кај лицата над 65 години се регистрирани 16 случаи, а кај децата бројките се помали: 7 случаи кај 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.

Во Институтот за јавно здравје биле тестирани 24 материјали, при што се откриени 4 позитивни случаи на грип (три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09) и еден случај на RSV тип B. SARS-CoV-2 не е детектиран.

Од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи, што е зголемување од 51,2% во споредба со истиот период минатата сезона. Најмногу пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), додека Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.

Здравствените власти потсетуваат дека вакцинацијата останува најсигурна заштита. За сезоната 2025/2026 се обезбедени 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи, од кои веќе се вакцинирани 78.730 лица.

Се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи, и се препорачува: често миење раце, избегнување гужви, топло облекување, доволен одмор и внес на течности и витамини. Ако се разболите, останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *