Директен судир, два изгубени животи: Кој е бизнисменот што загина кај Кавадарци?

News

Познат е идентитетот на двете лица кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа што денеска се случи на експресниот пат Прилеп – Градско, по исклучокот за Кавадарци.

Според информациите од СВР Велес, во директен судир меѓу патничко возило „Шкода Октавија“ и „Фолксваген Голф“, и двете со прилепски регистарски таблички, на местото на несреќата животот го загубиле 51-годишниот Жарко Ристески од Прилеп и 42-годишната Биљана Б., која била сопатничка во возилото.

Несреќата била пријавена во 13:30 часот. „Шкодата“ била управувана од Жарко Ристески, додека зад воланот на „Голфот“ бил 39-годишниот Т.М. од Прилеп.

Возачот на „Голфот“ се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Општата болница во Кавадарци, по што бил префрлен на лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кавадарци, а сообраќајот на овој патен правец бил нормализиран околу 17 часот.

Според информациите на прилепските медиуми, загинатиот Жарко Ристески е познат бизнисмен и сопственик на компанијата за превоз на патници „Роман“.

По трагичната вест, на социјалните мрежи се појавија бројни пораки со сочувство.

„Со огромна тага ја примивме веста за вашата прерана смрт Жаре и Биљана. Денес згаснаа два млади животи во трагична сообраќајна несреќа. Ќе ве паметиме по вашата добрина, насмевка и убавите моменти што ги подарувавте на лицата со попреченост. Почивајте во мир“, стои во една од објавите.

Од компанијата „Роман“ исто така се простија од својот сопственик. На социјалните мрежи беше објавен некролог за Жарко Ристески, а компанијата информираше и дека поради деновите на жалост нема да бидат реализирани туристичките тури и еднодневните патувања планирани за претстојниот викенд.

Телото на Жарко Ристески ќе биде изложено во капелата на Новите гробишта во Прилеп на 13 јуни од 11 до 13 часот, по што ќе се одржи погребот. Неговите блиски и пријатели се простуваат од него со зборовите: „Вечна му слава и спомен“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *