Новогодишните празници ја враќаат дијаспората во земјата. На граничните премини, особено кај Табановце, е забележано зголемување на сообраќајот и влезот на возила, а надлежните најавуваат уште поголеми гужви во наредните денови.
Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, во последните 24 часа во државата влегле 12.510 македонски државјани, додека 3.376 ја напуштиле земјата. Во истиот период, 6.225 странски државјани влегле, а 3.142 ја напуштиле Македонија.
– Од вчера од 10 часот наутро до денес, регистриран е зголемен прилив на македонски државјани на сите гранични премини – изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Како најчести земји од кои се враќаат иселениците се посочуваат Германија, Австрија и Швајцарија, а институциите апелираат на трпение поради можни задржувања на границите во деновите што следуваат.