Ваквите објави се надеж дека вечната љубов постои
Се одлучивме да ви ја презентираме оваа објава, бидејќи сочувствуваме со болката и сакавме да ви прикажеме колку е голема човечката љубов.
Скролајќи низ Фејсбук наидовме на една емотивна објава, статус кој нема да остави никого рамнодушен. Битолчанецот Менде на својот Фејсбук профил преку статус со зборови кои очигледно дошле длабоко од неговото срце се прости од неговата долгогодишна љубов, жена, животна сопатничка Нада.
Тој накратко ја раскажа нивната љубовна приказна, дел од нивниот заеднички живот, предизвиците со кои се соочиле, но и за жал, многуте планови кои останале нереализирани.
Целата објава Менде која ѝ ја посвети на неговата Нада ви ја пренесуваме во целост:
„Имаше едно чупе на корзото битолско, кое каде и да врвеше се забележуваше со нејзината ведра појава, со косите развеани, со постојаната и често гласна насмевка и гордото, смело чекорење.
Погледите на ергените беа пожелно упатени кон тоа чупе и се прашуваа кој ќе биде среќникот кој ќе го освои нејзиното срце.
А, таа цврста, како тврдина, чиниш недопирлива, како од Бога пуштена да ја покажува совршеноста на Божјите дела.
Мечтаеа многумина, но за да и пристапат ретко се осмелуваа, како некој одбранбен бедем да имаше поставено околу неа. А, беше толку кревка и нежна како од некој излог со кукли да е излезена.
Тежок беше обидот и патот да се стигне до неа и до нејзиното срце.
Но, сѐ повеќе растеше желбата и копнежот да се освои!
Требаше да се совлада бедемот, кој ја заштитуваше и отпорот, кој млако го пружаше, со што патот се подотвори и веќе бев близу до толку посакуваната нејзина близина.
И ете чудо, се случи и тоа!
Ги совладав сите препреки и веќе победата се наѕираше!
За кратко време тоа чупе од корзото битолско беше моја жена!
Веднаш почнавме да го градиме нашиот заеднички живот, да го формираме нашето семејство, да си обезбедиме сопствен дом, да напредуваме во професионалните кариери и да уживаме во успесите кои заедно, со сопствени сили ги постигнавме.
Дојдоа радости, нашите деца, но и проблемите со нивното растење. “МАЛИ деца,мали проблеми, големи деца големи проблеми”, рекол народот во поговорката. Но, не запиравме и тие ги пребродивме, ги решававме и продолжувавме напред.
Радостите продолжија, децата пораснаа, станаа возрасни луѓе и ни ги донесоа најголемите награди. Се изродија нашите внучиња за да продолжи и опстани семејството.
Дојде и времето да се одмориме од нашите професионални обврски и да си одиме во заслужена пензија, со што целосно ќе се посветиме на нашите радости, нашите внучиња.
Но… нашиот Бог има своја промисла и нашите желби не се поклопија со Неговата волја.
Од нашите две тела, а една душа останав сам и срцето го прими најтешкиот удар.
Мојата Нада, мојата љубов, мојата животна сопатничка ненадејно почина!
Ме остави сам, се откина од мене делот кој ја правеше целината. Среќата наеднаш се претвори во тага.
Што ми остана?!
Како да го најдам патот по кој одевме секогаш заедно!!!
Посветено на мојата Нада,на мојата животна сопатничка!
Нека почива во мир“